Тенискиот турнир Вимблдон е најстариот, и според многумина најугледниот грен слем турнир. Се одржува уште од 1877 година во Лондон.
Во текот на 2018 година оваа двонеделна манифестација ја посетиле над 470.000 луѓе. Но, огромниот број на гледачи зад себе остава и огромна количина на отпад. Иако и во минатата година најголем дел од отпадот не завршил на депонија, туку бил искористен за рециклирање и производство на енергија, организаторите одлучиле оваа година да одат чекор понатаму. Имено, фокусот е ставен нa превенцијата во генерирањето отпад и селекцијата на отпадот.
Флашираната вода, наменета за продажба на Вимблдон, ќе се пакува во амбалажа направена во целост од рециклирани суровини со можност за понатамошна рециклажа. Производителот на вода Evian, кој е еден од спонзорите на турнирот, очекува да продаде околу 420.000 шишиња вода. На слични правила подлежат и приборот и садовите за јадење.
Со цел да ја демонстрира својата волја за намалување на еколошкиот отпечаток, турнирот Вимблдон неодамна се приклучи на иницијативата на Обединетите Нации за климатска акција во областа на спортот.