Ниту Русија не останува на страна кога станува збор за возовите на водород. Проектот за равој на воз кој користи горивни ќелии за производство на електрична енергија за погон на електромоторите го води конзорциум во кој учествуваат руската државна железничка компанија, компанијата „Транс Маш Холдинг“ (TMH) и нуклеарноенергетската компанија „Росатом“. Проектот во моментот е во фаза на изработка на проектна документација, а возот би требало да ги превезе првите патници во 2024 година. Притоа, како полигон за испитување се користи железничката мрежа на островот Сахлин, на рускиот Далечен Исток. Така на Сахалин ќе се создаде кластер за водород во полн циклус: производство, складирање и користење. Во првата фаза на проектот би требало да бидат произведени седум гарнитури возови – пет дводелни и две троделни.
Развојот на возот на водород се темели на платформата на дизелскиот воз RA-3 Orlan кој инаку го произведува TMH, а по руските пруги веќе возат 132 такви гарнитури. Некои технички аспекти на новиот воз се веќе познати. Така, главните елементи на постројката на водород ќе бидат сместени на покривот а влечната единица ќе овозможи и искористување на енергијата на кочењето. Цената на таков воз на водород се проценува на 2,1 милиони евра, што е 1,5 пати поскапо од дизелската изведба на RA-3 Orlan. Но, клучната цел на проектот е да се намали негативното влијание врз околината, проблем со кој руската железница се занимава веќе со години.