Дваесет и шестата годишна конференција на Обединетите Нации (ОН) за климатските промени, која требаше да се одржи во ноември 2020 година во Глазгов, Шкотска, е одложена за 2021 година. Точниот термин ќе биде дополнително утврден, а тоа ќе биде направено во договор со учесиците. Домаќин останува Велика Британија, која организацијата на настанот ќе ја спроведе заедно со Италија.
Одложувањето на конференцијата им овозможува на потписниците на конвенцијата подобра подготовка и поостар фокус на бариерите за кои би требало да се разговара. Многумина и порано ја истакнуваа клучната улога на преговорите во текот на оваа конференција за иднината на нашата планета, однапред споредувајќи ја со онаа во Париз од 2015 година, на која се „роди“ познатиот договор. Се разбира, одложувањето на конференцијата не значи дека работата на закочувањето на порастот на температурите , намалувањето на емисиите и подобрувањето на отпорноста кон климатските промени, ќе треба да запре. Напротив, токму оваа година во Велика Британија се обележува како „година на климатската акција“. Извршниот секретар на ОН за климатски промени, Патриција Еспиноза, верува дека пандемијата во моментот е најголемата опасност, но нагласува дека не смее да се заборави на климатските промени како најголема долгорочна закана.