Финансискиот кварт во Лондон, познатиот Сity, ги одобри плановите за изградба на облакодер од 73 ката што ќе одговара на највисоката кула во Западна Европа, лоцирана километар и пол појужно, што укажува на тоа дека градските планери сè уште веруваат во пазарот на канцелариски простор и покрај актуелната криза.
Предложената кула од 309,6 метри – која ќе биде точно иста висина како лондонската The Shard од Ренцо Пиано – доби зелено светло откако претходно одобрениот план е ревидиран „за подобро да одговори на потребите од канцеларии по пандемијата“, соопштено е од управата на Сity.
Над 150.000 квадратни метри канцелариски простор
Кулата наречена 1 Undershaft, проект на бирото Eric Parry Architects, првично беше одобрена во 2016 година за малку помала висина – 294,6 метри, но поради комбинација на различни околности, изградбата не беше започната.
Планираниот облакодер, кој инвеститорот Aroland Holdings се обидува да го реализира веќе со години, ќе изискува уривање на постоечката помала кула наречена St Helens, а планот беше критикуван од конзерваторските групи.
Имено, од државната институција Historic England се загрижени дека спроведените измени на проектот не го промениле влијанието на објектот врз животната средина и дека тоа би значело дека новиот облакодер може да го „деградира“ јавниот простор околу него.
Доколку се изгради, кулата 1 Undershaft ќе обезбеди 154.156 квадратни метри канцелариски простор, додека на 72. и 73. кат ќе бидат организирани простори за едукација на деца под патронат на British Museum, а планирана е и јавно достапна градина.
Иако лондонскиот пазар на канцелариски простор, како и во другите светски метрополи, сериозно е погоден од повисоките цени за изнајмување, како и зголеменото работење од дома по пандемијата, инвеститорот Aroland сепак планира изградба.
Според CNN, многу малку големи лондонски канцелариски објекти се продадени минатата година, а инвеститори како Nuveen и Brookfield во моментов се обидуваат да ги продадат своите канцелариски кули во Лондон, што претставува голем тест за апетитот на инвеститорите на кулата 1 Undershaft.
Од друга страна, критичарите се осврнаа и на моменталното обликување на градот, па наведуваат дека хоризонтот на Лондон станува се повеќе пренатрупан со генерички стаклени и метални кули кои ги засенуваат историските споменици, особено во централен Лондон.
„Додека уште еден, многу потребен канцелариски развој добива одобрение, тоа зборува за довербата што глобалните инвеститори ја имаат во лондонскиот пазар на недвижнини и пошироката британска економија“, рече Sharman Joshi, претседател на Одборот за планирање и транспорт во лондонскиот City.
The Shard, моментално највисокиот облакодер во Западна Европа, завршен е во 2012 година.