Жители на Карпош и оваа сабота продолжуваат со блокада на раскрсницата кај ТЦ „Сити мол” на булеварот „Партизански Одреди” во 12 часот. Жителите се решени да протестираат секоја сабота, сè додека Општината не ги повлече новите планови за Карпош 3 и за Тафталиџе.
Ова го најавија на протестот што се одржа минатата сабота, кога неколку стотини граѓани околу еден час ја блокираа Партизанска.
„Нема да дозволиме Карпош да стане Дебар маало. Нашата цел е повлекување на плановите за Тафталиџе, за Карпош 3 и на планот за Карпош 4, со кои се уништува зеленило и се предвидуваат згради на местата каде што сега има куќи“, велат од иницијативата за заштита на Карпош.
Според граѓаните, новите урбанистички планови кои пред неколку недели ги усвои Општина Карпош ќе значат „бетонизација“ на нивната населба. Со новите ДУП-ови, предвидено е да се градат паркинзи, катни гаражи и деловни објекти на местата каде што сега има паркови и зеленило. Новите планови беа донесени за време на новогодишните празници, без учество на јавноста.