На 30 ноември во Природнонаучниот музеј во Скопје се отвори архитектонската изложба „Загрозени видови“ како резултат на истоимениот истражувачки проект на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков.
Изложбата преку макети, цртежи, фотографии и текстови претставува значајни градби од поновата архитектонска историја на Скопје, кои претставуваат архитектонско наследство и на различен начин и во различен обем соучествуваат (а дел од нив се и клучни) во обликувањето на современиот архитектонски идентитет на градот.
Изложбата не случајно е поставена токму во Природнонаучниот музеј каде се претставени загрозените биолошки видови чив опстанок зависи од нас. Симболиката е повеќе од јасна и опстанокот на градот, кој е еден жив организам исто така зависи од нас.
Преку изборот на карактеристични архитектонски „примероци“, истражувањето има за цел да укаже на вредностите на овие градби и на нивната состојба, на степенот на загрозеност и главните причини кои водат до него.
Со изложбата „Загрозени видови“ авторите се обраќаат подеднакво кон стручната, но и кон пошироката јавност, со цел да ја нагласат потребата од отварање на прашањето за опстанокот на вредните градби од периодот на Модерната, како и прашањето за нивниот натамошен третман.
фото: КИРО ПОПОВ