„За Западниот Балкан е од најголема важност што поскоро да добие фонд за праведна транзиција кон зелена економија и напуштање на фосилните горива“, се вели во новата анализа на една грчка непрофитна организација. Исто така, значајно е да се стави приоритет на поддршката на регионите со јаглен на Западен Балкан, со цел успешно да се одговори на економските и социјалните влијанија од преминот кон чиста енергија.
Независниот институт Green Tank, врз основа на резултатите од анализата, им препорачува на оние кои одлучуваат на Западниот Балкан и на Европската комисија, при креирањето на фондот за праведна транзиција да ја земат во предвид брзината на преминување на чиста енергија, со цел точно и праведно да се процени итноста за секоја земја. Се укажува дека загадувањето на воздухот поради користењето на јагленот во регионот, не влијае само врз шесте земји од Западен Балкан, туку и врз земјите членки на ЕУ.
„Планирајте ја транзицијата, не чекајте финансиските средства да бидат на располагање. Оние кои ќе тргнат порано, ќе имаат дополнителна финансиска корист, како и загарантирана еколошка корист“, се истакнува во анализата на Green Tank, направена со поддршка на мрежата CEE Bankwatch. Во анализата на независниот институт, разработени се повеќе сценарија со цел да се развие праведен метод за алокација од фондот кој би бил како Фондот за праведна транциција на ЕУ (Just Transition Fund – JTF), а имајќи ги во предвид предизвиците на Западниот Балкан.
Фондот за праведна транзиција воспоставен од страна на ЕУ е вреден 17,5 милијарди евра, а целта е да се помогне на земјите и регионите во Унијата при нивниот премин од фосилни горива кон зелена економија. Критериумите земени во анализита биле: зависноста на секоја земја од Западен Балкан од јагленот и нафтата, еколошкото влијание од користењето на јагленот и финансиските можности на секоја земја да ги решава предизвиците. Врз основа нa тие критериуми и официјалните податоци, Green Tank разработил шест сценарија за постепено напуштање на јагленот на Западен Балкан и истакнал дека климатските амбиции според кои напуштањето на јагленот е планирано во пократок рок, придонесувааат земјата да добие повеќе средства.