Тоа што во цивилизираниот свет е нормална и по два мандата на секоја влада и ПОЖЕЛНА смена на власта, кај нас се претвори во драма со предолго траење и остави неверојатнo големи последици по вкупното живеење.
„Порта 3“ не е политичко списание и немаше и ниту ќе има желба да влегува во политички дебати и оценки за владењето на која било власт, но секако силно и недвосмилено ќе се бори за афирмација и унапредување на трите основни постулати заради кои и постоиме како редакција – Градежништво, Архитектура, Екологија…
Ќе истрајуваме на основната идеја за висока и стручна професионалност во нашите области на дејствување. Во изминатите години беа направени многу, премногу грешки токму во овие три области, кои дирекно влијаеја врз нашите животи во секоја смисла на зборот и допрва ќе се носиме со последиците што ќе влијаат на функционирањето на нормалниот живот во Македонија и особено во главниот град, особено преку проектот „Скопје 2014“.
И во времето на изминатото страховладеење, ние од „Порта 3“ преку нашите теми јасно укажувавме на лошите решенија, извршеното насилство врз централниот простор на главниот град, грдата квази архитектура, вулгарниот кичерај со јавните скулптури и обнова на фасадите во центарот…
Сакаме да веруваме и сигурни сме дека во наредниот период ќе се разоткриваат сите небулози во постапките за реализацијата на овој монструозен проект со сите учесници, особено тие што ја претставуваа архитектонската и градежната фела, кои си ја продадоа „душата“ за да го имаме ова денес за кое ни се потсмева целиот нормален, пред сè архитектонски свет.
И што после ова. Има ли некакво решение кое би го „ублажило“ или завек би го тргнало ова недело. Најстрашно е што урбанистичките промашувања од левата страна на Вардар се непоправливи, секако ако евентуално ја исклучиме страшната и единствена можност – рушењето.
Се надеваме со помош на сите, вклучувајќи и странски експери, архитекти и урбанисти пред сè, дека се можни нови интервенции во просторот со цел да се поправат донекаде визуелните, естетски елементи на квази дизнилендовската слика на центарот на Скопје.
Секако, бар за некои проекти кои беа симболи на современо Скопје, а пред сè објектите на Владата на РМ (како еднo од најзначајните зданија – симбол на модерната во балкански рамки) и стоковната куќа НАМА, не би требало да има дилема да се вратат во првобитна состојба, како објекти од посебна културна вредност. Цената за оваа интервенција не треба и не смее да биде пресудна и одлучувачка во можните идни решенија.
Следуваат бурни месеци пред нас и секако ќе ги следиме процесите, дебатите и решенијата што, се надеваме, ќе произлезат. „Порта 3“ и натаму , особено во новиот слободарски медиумски амбиент, поактивно ќе се бори да не се повторат вакви големи промашувања. Особено ќе се бориме да ги разоткриваме и сите аномалии со станбената политика (особено со пренаселувањето на Скопје) и последиците од таа ненормална експанзија, како и еколошките проблеми кои во Македонија се ТОТАЛНО и НЕДОЗВОЛИВО маргинализирани. Во оваа борба за враќање на стручната фела на СВОИТЕ одлучувачки позиции, ја очекуваме и вашата активна и благодарна помош, почитувани читатели на „Порта 3“.
Редакција на „Порта 3“