Ателјето на големиот шпански сликар Хуан Миро во Мајорка е реконструирано до последниот детаљ во уметничка галерија во британскиот главен град Лондон.
Репродукцијата на мебел и предмети, со кои бил опкружен овој сликар во неговата секојдневна работа, ја направи галеријата од Барселона Majoral, чии претставници по тој повод се преселиле во центарот на Лондон, на „Грејт дјук стрит“.
Изложбата на која се презентирани 25 дела на Миро, е организирана по повод 60-годишнината од отворањето на студиото на сликарот во Мајорка, коешто имало централна улога во неговата кариера.
Хуан Миро (1893-1983) е роден во Барселона, а починал во Мајорка, каде што е погребан.
– Ателјето му овозможувало на Миро работен амбиент каков што му бил потребен. Кога ќе ја затворел вратата зад себе, тој знаел да ги прекине сите контакти со надворешниот свет и да нурне во својот имагинарен свет – изјави неговиот внук Пунијет Жоан Миро , кој како дете си играл во ателјето. Внукот додаде, дека тој имагинарен простор бил исполнет од медитеранската светлина и од медитеранските бои и форми.
– Мојот сон, кога еднаш некаде ќе се смирам, е да имам големо студио – изјавил Миро во 1938 година. Тогаш каталонскиот сликар живеел во Барселона, после етапата во Париз каде што се дружел со Пабло Пикасо.
Шпанија тогаш била во екот на граѓанската војна, која завршила со победа на Франциско Франко и со воспоставување на диктатура, заради што архитектот Жозеп Луис Серт, уште еден голем пријател на сликарот, заминал во прогонство во Њујорк.
На шпанскиот архитект Серт (1902-1983), ученик на Ле Корбизје, Миро му ја доверил задачата да му го осмисли неговото студио, откако дефинитивно се преселил во Мајорка во 1956 година, после живеењето во различни делови на Франција и Шпанија.
Дијана Жове од галеријата Majoral рекла дека Миро многу го почитувал Серт и дека сакал од него да побара да направи нацрти за ателјето, но не се осмелил да го праша, но затоа сопругата на Миро – Пилар го прашала, и Серт веднаш прифатил.
Копии од писма разменети помеѓу архитектот и уметникот се изложени во реконструираното ателје во Лондон, како и други предмети од тој период, како што е копија на сонце од слама. Тој предмет многу му се допаѓал на Миро како и на неговите пријатели Пикасо и американскиот скулптор Александар Калдер, кои исто така, го имале во своите ателјеа.
– Нашата цел е да се направи една неконвенционална изложба врз основа на оригинални приказни. Избравме 25 мошне квалитетни дела, проект достоен за еден музеј – изјавила Дијана Жове.
Ателјето ќе биде отворено за јавноста до 12 февруари, а потоа се сели во Њујорк, каде што ќе биде од 3 до 8 март.