Хрватското електростопанство, поточно операторот на дистрибутивниот систем (HEP ODS), започна со спроведување на пилот проект за паметни мрежи, во вредност од околу 24 милиои евра, во рамките на кој ќе биде дигитализиран дел од дистрибутивната мрежа и ќе се обезбедат услови за интеграција на дистрибуираните извори на електрична енергија. HEP ODS ќе инвестира во три подрачја на паметните мрежи за дистрибуција на електрична енергија: паметна мерна инфраструктура, развој и оптимизација на конвенционалната мрежа, како и автоматизација на среднонапонската мрежа. Договорот за финансирање на овој проект е потпишан во јули 2018 година. Најголемиот дел од средствата за вложување, речиси 20,3 милиони евра или околу 85% се обезбедени од Европскиот фонд за регионален развој, во рамките на oперативната програма Конкурентност и кохезија 2014 – 2020. Остатокот, како и додатните седум милиони евра ги обезбедил HEP ODS, па вкупната инвестиција во паметните мрежи ќе достигне 31 милиони евра. Проектот кој треба да се реализира до крајот на 2022 година, ќе обезбеди воспоставување на напредна мерна инфраструктура со цел да се овозможи попрецизна пресметка на загубите во дистрибутивната мрежа, плаќање на потрошувачката на електрична енергија и активно управување со потрошувачката на крајните потрошувачи. Проектот ќе биде спроведен во 5 од вкупно 21 дистрибутивни подрачја на HEP ODS.
Министерот за економија и одржлив развој изјавил дека на Хрватска и е потребна пофлексибилна мрежа и развој на модерен дистрибутивен систем подготвен да интегрира голема количина на енергија од обновливи извори.