Хрватското здружение на работодавачи и Синдикатот за градежништво на Хрватска, денес предупредија дека во последните шест години во градежништвото и градежната индустрија е изгубена една третина од работните места, но и покрај тоа занемарливо мал број надлежни тела одговориле на нивната инцијатива таа состојба да се подобри, пишува интернет изданието на хрватскиот „Пословни вјесник“.
Од 2008 година бројот на вработените во градежништвото е намален од 108.000 на 72.000, 33 проценти, а дејноста на индустријата за градежништво и градежни материјали е на колена, предупредува претседателот на Синдикатот Иван Ковачиќ, на средба со новинарите.
Поради тешката состојба во градежниот сектор Синдикатот и Здружението на почетокот на јуни ја пратија нивната иницијатива, за фер цени во градежништвото, до 200 надлежни адреси, во која преупредија на таа сосотојба и предложија мерки за нејзино подобрување, но одзивот бил „катастрофален“.
„Одзивот е поразувачки, речиси никој не одговори“, рече Јасенка Лукшиќ од Синдикатот за градежништво, истакнувајќи дека дописи пратиле до ресорни министерства, владата, Саборот, жупаниите, градовите и до Хрватската градежна комора. Со иницијативата се бара измена на Законот за јавни набавки, критериум за избор да биде најдобрата, а не единствено најевтината понуда.
Според директорот на Здружението на работодавачи во градежништвото, Зденко Каракаш, набавувачите, а меѓу нив се сите државни тела и сите тела на подрачната и локалната самоуправа, се грижат само да склучат каков било договор, а за последиците не се загрижени, па не е реткост договореното да не се направи или да се направи лошо.
Претставниците на Здружението и на Синдикатот предупредуваат и на проблемот со нелојалната конструкција, исплаќањето на рака. Тие во својата иницијатива – фер цени во градежништвото бараат и креирање мерки против основањето на „еднодневни фирми“, носење на закон за спречување работа на црно, воспоставување на квалитетен систем на проверка на способноста и квалитетот на понудувачот, стабилни услови за работење и што побрзо усвојување на директивите од ЕУ.