Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) во Хрватска, воведе прогноз за квалитетот на воздухот за тековниот и наредните три дена, со цел граѓаните полесно да донесуваат одлуки за заштита на нивното здравје. Оваа прогноза е достапна на веб страната на ДХМЗ.
Прогнозата опфаќа концентрации на четири клучни загадувачи на воздухот кои значително влијаат врз здравјето на граѓаните. Тоа се цврстите честички (PM2,5 и PM10), азотниот диоксид (NO2) и тропосферскиот озон (O3). Со избор на одреден загадувач за конкретен ден, се прикажува мапа на Хрватска со јасно означени граници ан зони и агломерации. Нивоата на квалитетот на воздухот се прикажани со скала на бои во опсег од „добро“ до „исклучително лошо“. Скалата има вкупно 10 градации на квалитетот на воздухот. Секое од овие нивоа содржи и препораки за граѓаните согласно Светската здравствена организација.
Тридневната прогноза за квалитетот на воздухот е резултат на системот за моделирање на воздухот ATMOSYS (LIFE+), посебно адаптиран за подрачјето на Хрватска преку ЕУ проектот AIRQ – Проширување и модернизација на државната мрежа за трајно следење на квалитетот на воздухот. Проектот е финансиран со средства од ЕУ во износ од 85%, додека 15% се обезбедени од национали извори. Очекуваните резултати се намалување на бројот на заболувања и предвремени смртни случаи предизвикани од загадениот воздух, како и намалување на трошоците за лекување.