Потенцијална добивка на полето на енергетиката, но сигурна загуба во туризмот: Хрватска е на крстопат. Поради експлоатацијата на нафта и гас може да страда туризмот во регионот, а Хрватската народна банка објави дека туризмот во 2013 година ѝ донел на земјата повеќе од 7 милијарди евра. Веќе четири месеци се вршат истражувања на можни резерви на нафта на Јадранот од страна на британската фирма „Спектрум“, главно далеку од очите на јавноста. За власта проектот е како гума за спасување.
„Пред сè, би требало да кажеме дека во минатото никогаш не сме ги користеле предностите што ги имаме. А не знам зошто, бидејќи некои индустриски сектори загубија и конкурентна способност и време поради високите цени на енергијата во Хрватска“, вели Антон Врдољак, министер за економија на Хрватска. Уште од 80-тите години на минатиот век е познато дека пред прекрасните плажи на Хрватска има резерви на нафта и гас. Рафинериите на хрватскиот брег уште тогаш го снабдуваа регионот. Од спротива, на италијанската страна на Јадранот, веќе долго се експлоатира нафта.
Извор: Deutsche Welle