Бројот на постројки за спалување на отпад во Европа е во пораст и претставуваат еден од одржливите начини на управување со отпадот. Но, со биомониторинг, откриени се високи нивоа на перзистентни органски загадувачи (POPs) во храната и животната средина во близина на таквите постројки. Резултатите се објавени од страна на Zero Waste Europe и фондацијата ToxicoWatch. Во склоп на проектот True Toxic Toll, кој за Zero Waste Europe во Словачка и Холандија е спроведен од страна на фондацијата ToxicoWatch, анализирано е присуството на перзистентни органски загадувачи како што се диоксини, полициклични ароматични јаглеводороди (PAH), перфлуороалкални и полифлуороалкални супстанци (PFAS), како и тешки метали, во храната како и во околината на овие постројки.
Диоксини се сите хемикалии кои содржат хлор, јаглерод, кислород и водород. Тие се нуспроизвод на различни индустриски процеси, како и пожари. PFAS се сметаат за најперзистентни, „вечни хемикалии“, имајќи предвид дека кога ќе с енајдат во животната средина, тешко се разложуваат. Се користат за производство на водоотпорна облека, како и во козметиката за производи кои се отпорни на маснотии. Исто така, тие се користат и во производството на пластика и гума и за изолација на електрични проводници. Во Словачка се анализирани примероци од овошје, јајца од кокошки кои се одгледуваат на отворено, прашина од покривите, вегетација, вода и седименти. Притоа, откриени се PFAS и диоксини се откриени во листовите на грозјето и смоквите, а PAH во јаболките и грозјето. Во боровите иглички се регистрирани сите овие соединенија. Контаминирани биле и анализираните јајца, додека нивоата на тешки метали во примероците мов биле меѓу највисоките во Европа.
Во Холандија исто така се анализирани кокошкините јајца, потоа овошјето и зеленчукот, како и растенијата во селото во близина на постројката за спалување отпад. Концентрацијата на диоксини во јајцата, од локација на два километри од постројката била 300 пати над ЕУ лимитот. Студијата е дел од поширокиот проект за биомониторинг кој опфаќа пет земји во Европа: Белгија, Холандија, Шпанија, Словачка и Франција.