Насловна / Архитектура / Храбро и функционално движење во уметноста, архитектурата и дизајнот

Храбро и функционално движење во уметноста, архитектурата и дизајнот

Оваа 2019 се одбележува стогодишнината од основањето на Баухаус, државна школа за архитектура и применета уметност која во 1919 година во Вајмар, Германија ја основал архитектот Валтер Гропиус. Баухаус е еден од најеминентните културни концепти на 20 век и неговото влијание има глобални размери. Баухаус настанал заедно со Вајмарската Република (назив за германската држава настаната по Првата светска војна) на 19 април 1919 година и ја одразува како социјалната динамика на Републиката, така и општествената структура и политичките идеали кои ги воделе нејзината културна и интелектуална елита. Во тек на своето кратко постоење, исто како и Вајмарскта Република, 14 години, работата на Баухаус е поделена на три периода во кои се смениле и три директори: Вајмар од 1919 до 1925 кога со школата раководи Валтер Гропиус, во 1925 школата се сели во Десау и палката ја презема Ханс Мајер, а  од него во 1930 ја презема Мис ван дер Рое и школата се сели во Берлин. Школата е затворена во 1933 година под притисок на нацистите со образложение дека е „легло на болшевизмот“ и дека шири „комунистички интелектуализам“.

bauhaus-546717_960_720

Замислен како висока школа за обликување, Баухаус е воден со манифест во кој се нагласува важноста на студирање занаети и уметност. Кога ја формирал школата Гропиус имал 35 години, бил решен да ѝ сврти грб на традицијата, да преземе социјална одговорност и да воспостави една сосема различна уметничка школа, нурната во вистинскиот живот, оддалечена од академските институции. Напишал манифест за појава на нова естетика, доближување на уметноста и занаетот, за бришење на границите меѓу применетата и т.н. висока уметност.

Основната идеја, која ја формулирал Гропиус, била да се создаде ентитет на единство на занаети, уметности и технологии. Намерата била да се понуди ново опкружување за Gesamtkunstwerk (во слободен превод – вкупна уметност), каде талентирани млади луѓе ќе добијат можност да се образуваат во интердисциплинарна, интернационална школа. Баухаус претставувал комбинација на истражувачка работа, предавања и вежби и не може да се спореди со ниту една друга школа од почетокот на минатиот век.

валтер гропиус

Валтер Гропиус

Наставната програма која се применувала во Баухаус школите била мошне иновативна. Пред сè професорот е симнат од пиедестал и активно учествувал во работата со студентите. Сите уметнички дисциплини се изучувале во иста школа, нивното преклопување и мултидисциплинарност се охрабрувале. На овој начин се постигнувало производство на предмети кои биле и поквалитетни и естетски поубави, бидејќи постоела тесна соработка помеѓу насоките.

bauhaus-program

 Организација на настава

Стилот на Баухаус може да се обедини под терминот Интернационален стил, токму поради неговото влијание секаде во светот. Одлики на стилот пред сè се отсуство на орнаменти, кои нужно постоеле во сите правци пред модернизмот, за прв пат се појавува функцијата како најбитен фактор во проектирањето која неминовно мора да е во хармонија со дизајнот. Рационализмот, функционализмот и масовното производство биле од есенцијално значење кога станува збор за самиот концепт на школата. Со масовното производство умира индивидуалноста, идејата е да се создаваат сериски објекти кои ја следат функцијата и намената.

Курсот на самата школа се состоел од прелиминарен курс, кој ги воведува студентите во проблематиката и принципите на размислување на правецот кој го создава школата. На овој курс студентите се занимавале со материјалите и теоријата на боите и односот на формите. Со овој курс се подготвувале за продолжување на специјалистички студии. Прелиминарниот курс го држеле професори кои се занимавале со визуелна уметност, големите сликари Василиј Кандински и Пол Кле и графичарот Јозеф Алберс. Вториот дел од курсот бил специјализирана  работилница која вклучувала работа со метал, проучување типографија, како и ѕидно сликарство. Појдовната идеја на Гропиус била унификација на уметноста преку вештини.  Во 1923 година слоганот на школата станува „Уметност во индустријата“.

Работилници во рамки на Баухаус

Работилницата за дизајн на мебел била една од најпопуларните во Баухаус. Под раководство на Марсел Бројер ова студио ја осмислило суштината на мебелот. Инспириран од цевките на својот велосипед, Бројер експериментирал со метален мебел. Некои од овие столови се  распоредени во зградата на театарот во Десау.

marsel

Прочуената столица „Василиј“ која толку многу му се допаднала на Кандински

што нарачал да се изработи за сите студенти

Текстилната работилница, особено под раководство на Гунте Стоцл, создала апстрактен текстил, погоден за употреба во самиот Баухаус. Студентите ги изучувале боите, дизајнот и техниките на ткаење.

Металопреработувачката работилница била уште една популарна работилница. Заедно со мебелот, била најуспешна во развивање прототипови за масовно производство.  Многу нејзини дизајни станале иконичен израз на естетиката на Баухаус.

цај

Чајник, Мариана Бранд

Работилницата за типографија станала значајна под влијание на Ласло Мохољи – Наѓ. Типографијата станала поврзана со идентитетот на Баухаус, промотивните материјали послужиле како симбол на авангардната институција.

834px-Bauhaus_and_Bauhaus_93_Typeface.svg

Типографија

Баухаус како начин на размислување

Кога ја основал школата, Гропиус ја замислувал како место на промислување, дискутирање, умрежување и создавање целосно конципирани уметнички објекти и архитектура. За прв пат се јавува проектирање и дизајнирање по мерка на човекот. Се воделе со мотото формата ја следи функцијата и ги занемарувале претходните правци во уметноста кои користеле непотребни и сувишни елементи кои биле само од естетско значење за поединецот.

По поразот во Првата светска војна германската држава останала замрзната во својата траума, време кога иднината изгледала неизвесно, Баухаус дал трошка надеж. Привлекувал амбициозни, млади луѓе кои сакале да тргнат понатаму. Но сепак тешко можело да се предвиди дека Баухаус ќе стане објект на вечна фасцинација. Како што во историјата ништо не се случува случајно и сè е последователно така манифестот на Гропиус сумирал идеализам кој одговарал, како на поразените војници, така и на дезориентираната младина: „Архитекти, вајари, сликари, мораме сите да му се вратиме на занаетот, да создадеме нова заедница на занаетчии, без класни разлики… која еден ден ќе се издигне од рацете на милиони работници, како симбол на новата вера“.Гропиус прв ја препознал социјалната, политичката и моралната сила на архитектурата и дизајнот.

desau1

Десау

Не се согласувале секогаш сите за сè. Гропиус се водел со мотото „уметност и технологија, ново единство“, Кандински пак сметал дека технологијата се идеализира. Унгарскиот сликар и фотограф Ласло Мохољи – Наѓ се залагал за идеја, Гропиус за краен производ. Но и тоа несогласување било во духот на школата.

Во Баухаус не недостасувала и забава, токму спротивно, забавите биле чести и дел од самиот процес на школата во служба на идејата да се обезбеди поврзаност на уметникот и заедницата. „Кажи ми како се забавуваш и ќе ти кажам кој си“, велел уметникот Оскар Шлемер.

w1

Во историјата на уметноста Баухаус е влезен како „Уметничка школа на модерната“ и ја има нејзината судбина како недовршен проект од почетокот на минатиот век. Во перцепцијата Баухаус често се мистифицира, но и негира, односно осудува во зависност од политичките  цели и интереси за промоција на одреден систем на вредности. Но, суштината на идејата на Баухаус која преживеа до ден денес е одлучен отпор кон декоративното. Функционалност, употребливост, приоритет на формата и секојдневност. Германскиот филозоф Ернест Блох не го почитувал „безличниот метален мебел, бетонските коцки, рамните кровови“, го лутеле куќите кои му наликувале на „касарни“. Баухаус за многумина бил синоним за грда модерна, стерилна и монотона. Истовремено се множеле обожаватели кои Валтер Гропиус некритично го прогласувале за најголем реформатор по Мартин Лутер. Крајностите секогаш се најдалеку од вистината.  Но како и да е Баухаус е важен, тоа е школа која е модерна, храбра, праведна, солидарна, каде ставовите се кажувале гласно. Оваа школа тежнеела кон обединување и колективно свесно општество.

Гропиус не се откажал при првата препрека, напротив. Во 20-тите години политичкото опкружување во Вајмар станува сè повеќе нацистичко. Одлучуваат школата да ја преселат во Десау. Овој пат во сопствен објект. Гропису решава да се занимава исклучиво со архитектура и ја напушта школата. Новиот директор Ханс Мaјер, убеден марксист, ја немал харизмата на Гропиус, но под негово водство Баухаус прв пат остварува профит и направени се едни од најпознатите производи на школата. Како радикален функционалист немал многу разбирање за естетските програми. Го поддржал формирањето на студентската комунистичка организација со што ја довел школата во опасност.

мссс

Мис ван дер Рое

Кога на чело на школата во 1930 година дошол Мис ван дер Рое, Баухаус веќе бил на залез. Новиот директор еден од најважните во историјата, бил мајстор на елеганција и совршенство, но не бил политички и социјално силно профилиран. Школата сè повеќе се приближувала на производството на луксузни предмети за опремување на богаташки вили кои школата ги проектирала во негово време, па ја изгубила онаа фина острица на социјална критика што ја етаблирал Гропиус. Школата се сели во Берлин, но трае само уште една година.

bauhaus-wassily-chair-hero-2-1704x959a

Столица „Барселона“, Мис

Потоа многумина емигрираат, голем дел во САД. Гропиус кој станал професор во Америка придонел за формирање на Интернационалниот стил во архитектурата, како и Мис, кој во 1937 година запишал: „Цела група на Баухаус сега е заедно во оваа земја. Ни дава чувство на припадност, нешто што нам кои останавме без корен ни беше многу потребно“. Баухаус преживеал како легенда, по 1933 година во живот го одржувале „баухаусовците“, студентите и учителите.

mies van der rohe

Мис ван дер Рое

До денес Баухаус е синоним за храбро и функционално движење во уметноста, архитектурата и дизајнот. Принципите кои ги создале се темели на сите модернистички и современи правци во проектирањето. Прочистена форма, леснотија и сила на елементите е она кон кое се тежнее и денес. Нивната идеја била уметноста, архитектурата и дизајнот да се приближат до сите луѓе, принцип кој бил мошне комунистички и носел рамноправност меѓу луѓето, но не наидувал на одобрување од страна на политички неистомисленици. Баухаус денес не ретко е врзан за стил и производ.

bsi_bau41

Одговара на потрошувачкиот менталитет, особено изразен во развиените земји, каде „купувам значи постојам“ и од предметите се создаваат идоли. Општеството на брендирани производи го разбира Баухаус токму онака како што неговите творци не сакале да биде интерпретиран. „Целта на Баухаус не е да биде стил или систем, догма или канон. Баухаус не е рецепт, а најмалку е мода!“, пишувал Гропиус во 1930 година, насетувајќи дека Баухаус ќе замине во историјата. „Баухаус ќе живее сè додека не зависи од формата, сè додека низ промените на животот бара и пронаоѓа своја артикулација“.

1920px-Bauhaus-Signet.svg

Идејата на колективно создавање, работата како најдобар дел на постоењето на единката и денес е цел и желба на секоја креативна колонија. Баухаус сонувал еден нов концепт на заедништво и создал нова комуникација. Малку од овие благородни цели се останати во денешниот свет. Добро е како опомена да се потсетиме, да се сеќаваме и да се „баухаузираме“.

csm_Walter_Gropius_462b74d3b4

Валтер Гропиус

Баухаус и куќите во Десау

Баухаус школата во Десау изградена е под сплет на околности. Стопанството во градот замрело и граѓаните го викнале влијателниот архитект Гропиус да изгради нова атракција која ќе привлече луѓе. Уметничка академија се чинела како одлична идеја, освен што обезбедувала публицитет, многу студенти доаѓале тука да живеат. Од 1996 година објектот е на листата на културно наследство на УНЕСКО.

bauhaus1

Паралелно со зградата на Баухаус, градот од Валтер Гропиус нарачал и три идентични двојни куќи за професорите на Баухаус и една куќа за директорот кои се изградени во борова шума. Правоаголни кубуси со различна висина и пространи тераси даваат форма на куќите. Кон улицата поставени се ателјеата со големи стаклени површини, а на бочната фасада стаклени ленти ги осветлуваат скалите. Куќата за директорот е со асиметрично распоредени прозори.

Валтер Гропиус и Ласло Мохољи – Наѓ ги комплетирале своите куќи со мебел од Марсел Брoер.

valter_kuki1

Еден коментар

  1. Даниела

    Одлично!!!

Испрати коментар

Scroll To Top