Насловна / Архитектура / Hов хотел на Брач. Архитектот Мрдуљаш вели: Хрватска се откажа од урбанистичкото планирање

Hов хотел на Брач. Архитектот Мрдуљаш вели: Хрватска се откажа од урбанистичкото планирање

На почетокот на јули на Брач ​​во Општина Постира беше отворен Grand Hotel View, огромна зграда со 230 соби и апартмани. Хотелот има четири ѕвезди, а во меѓувреме ги прими и првите гости.

Судејќи според спонзорираните написи, отворањето на овој хотел беше типичен хрватски настан: редица познати личности за кои едвај знаат и нивните роднини, ред пресилен гламур и ред лоша маркетинг проза.

0012

Хрватска верзија на гламур на отворањето на хотелот

„Прекрасната прослава на отворањето ги собра познатите лица меѓу кои Нено Белан, Миа Димшиќ, Влахо Арбулиќ, Татјана Драговиќ, Теута Месарош, Дора Предојевиќ, Паула Сикириќ, Рита Румора, Миа Матиќ, Марко Медиќ, Ивана Пиризовиќ и други.

На оваа возбудлива вечер, музичката ѕвезда и родум од Брач, Џина, ги освои гостите со својот кадифеен глас. Одличната атмосфера создадена од шармантната Џина, заедно со деликатесите и послужените фини вина, ја направија оваа забава незаборавна. Избраното друштво, покрај спектакуларното отворање, го пофали и кристално чистото море кое кани на пливање и прекрасниот поглед на планините кој ве остава без здив“, објавено е во една спонзорирана статија за отворањето на Grand Hotel View со соодветна фотогалерија.

Архитектонското решение за Grand Hotel View направено е од тим архитекти во кој главен проектант беше Ивана Урода, а соработници архитектите Ана Томшиќ, Хрвоје Мариновиќ и Даниел Вугриновиќ. Ентериерите ги проектираше студиото OCD Architects.

01

Гротескната диспропорција на големината на хотелот со околното урбано ткиво

Како го оценува Grand Hotel View го прашавме професорот од Архитектонскиот факултет во Загреб, Мароје Мрдуљаш, кој предава Модерна и современа светска архитектура.

„Секоја инвестиција во туризмот мора да размислува за односот кон природниот, градителскиот, но и социјалниот амбиент“, истакнува Мрдуљаш.

„Живописното место Постира е сместено на мал полуостров и е распространето околу мал залив и до сега немало туристичка архитектура во глеми размери. Новиот хотел е изграден веднаш до историскиот центар и токму тоа е гротескната диспропорција на неговата големина во однос на околното урбано ткиво. Хотелот станува апсолутна просторна доминанта, му врти грб на местото и на симболично ниво јасно кажува дека тука ништо не е важно освен да се жнее профит во двомесечниот летен период“, објаснува Мрдуљаш.

3

Тој додава дека не ја разбира деловната логика да се изгради ваков хотел во Постира.

„Голем дел од вработените во хотелот се сезонски и неквалификувани, па под знак прашање е какво долгорочно социјално подобрување носи за локалната заедница. Навистина не ја разбирам деловната логика на инвестирање во толку голем и релативно амбициозен хотел во мало место како Постира на Брач: можеме да го замислиме околу Дубровник или Ровињ, па дури ни Сплит нема ништо слично. Клучно прашање е како Постира се гледа себе долгорочно, врз основа на кои ресурси и какви понуди се развива туризмот, но и локалната заедница?“

Мрдуљаш потсетува дека големината и позиционирањето на Grand Hotel View произлегуваат од достапноста на поголема парцела покрај брегот каде што порано се наоѓала фабрика за преработка на риба.

2

„Девелоперите и инвеститорите одат околу брегот барајќи такви големи и инфраструктурно опремени парцели, по можност веќе дефинирани како туристички зони во просторно – планската документација. Ако се склопи токсичната комбинација алчен инвеститор, теснограда градска администрација и просторни планери – урбанисти кои се подготвени да ги приспособат плановите на екстремните амбиции, тогаш се е можно, а архитектите тука доаѓаат на крајот“, вели Мрдуљаш.

Хрватска се откажа од урбанистичкото планирање

Дополнителна трагедија е што во Хрватска всушност веќе нема вистинско урбанистичко планирање.

„Кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, во соработка со ОН и разни меѓународни експерти на Урбанистичкиот институт на Хрватска развиена е методологија за симултано планирање во различни размери: од регион до детални планови на градови и населби“, открива Мрдуљаш.

„Деталите влијаеле на пошироката слика и обратно. Денес за такво планирање, и покрај сите дигитални алатки не станува збор: нема системско размислување или сеопфатна стратегија за просторен развој, туку секоја општина и град е остров за себе“, предупредува.

Постои и одреден проблем во хотелската индустрија, смета Мрдуљаш.

1

„Хотелската индустрија денес е силно стандардизирана на глобално ниво. И инвеститорите и проектантите играат на ‘сигурни’ решенија, па се губи автентичноста и разумниот однос кон локалниот урбан, социјален и природен контекст“, вели.

„Во Хрватска имаме импресивна архитектонска традиција на проектирање хотели, една од најдобрите во Европа, со широка лепеза на различни пристапи, при што од некои хотели лесно се откажавме. Имаме и неодамнешни добри примери, значи рамката постои. Можеби звучи банално, но ако видите проект на хотел кој јасно можете да го поврзете со вредностите на одржливиот развој во социјална и еколошка смисла и кој логично се надоврзува на локалните урбани услови, ќе знаете дека тоа е прифатлив проект“, објаснува Мрдуљаш.

Дали апартманизацијата беше подобра?

Мрдуљаш не потсетува дека некогаш се гордеевме со фактот што го спасивме брегот од преизграденост и со сожалување гледавме на делови од шпанскиот или италијанскиот брег, а денес можеме само да почнеме да им завидуваме.

„Се до неодамна ‘апартманизацијата’ ни беше клучен проблем, но сега гледаме дека и новата хотелска изградбата, поддржана од локалните политики станува еднаков проблем“, вели Мрдуљаш.

За него случајот Grand Hotel View е индикативен.

4

„Нужно е да се разговара за стратешки и сеопфатен пристап на урбаниот развој на брегот, да се постават стручно дефинирани принципи на развој на просторот, а не да се отвора дебата од случај до случај“, се залага Мрдуљаш и додава дека тоа не било целосно успешно ни во времето на социјализмот, кога урбанистичкото планирање и контролата на развојот на изградената средина биле на значително повисоко ниво.

„Се поставува прашањето, кој ќе биде носител на оваа иницијатива, која треба да биде интердисциплинарна и која многу реално треба да се обиде да ги балансира инаку спротиставените страни и интереси?“ се прашува Мрдуљаш.

Тој го нуди ова решение: „Со оглед на тоа што не постои јавна планерска институција на државно ниво, замисливо е да се формира независен тим поддржан и финансиран преку различни државни органи. Клучно е позади се одлучно да застане институција во која е концентрирана моќта на носење одлуки, да верификува планови и пишува закони, а тоа е Министерство за просторно планирање, градителство и државен имот“.

9

„Нашиот брег наскоро би можел да изгледа како евтина варијанта на Мајами“

Мароје Мрдуљаш не е преголем оптимист за тоа како ќе се одвива изградбата на хотели на хрватското приморје.

„Веќе ја губиме трката со времето, бидејќи по 30-годишен застој, веќе започна нов бран на изградба на хотели, многу проекти се на маса за цртање, некои веќе и се реализираат. Катастрофалните примери како Хилтон на Костабела во Риека покажуваат дека нашиот брег наскоро би можел да изгледа како евтина варијанта на Мајами“, заклучува Мрдуљаш.

Index разговараше со уште неколку архитекти и историчари на уметност за Grand Hotel Viewu и сите се согласуваат дека објектот е преголем за локацијата на која се наоѓа.

Тоа може да го забележи секој лаик кој ќе ги погледне фотографиите од оваа грдосија, па не е чудно што во меѓувреме на социјалните мрежи се коментира дека новиот хотел во Постира личи на „насукан крузер“.

6

Синиша Маровиќ: Тоа е добар и значаен проект за Општина Постира

Но, тоа е само едната страна на приказната. Затоа се обративме до градоначалникот на Општина Постира Синиша Маровиќ (ХДЗ), кој е голем поддржувач на изградбата и отворањето на Grand Hotel View. Тој лани освои втор мандат на чело на општината која има околу 1.500 жители.

„Општина Постира го поддржа овој проект и изградбата на хотелот што го предвиде во својот просторен план уште додека фабриката Сардина беше на тоа место пред околу 15 години. Не знам точно колку траеше процесот на издавање дозволи, мислам дека проектирањето започна во 2019 година, а одобрението за градба беше издадено во септември 2020 година. Последниот просторен план беше менуван во 2018 година и немаше измени на просторниот план врзани со изградбата на хотелот“, вели Маровиќ за Index.

Маровиќ истакнува дека е презадоволен од реализацијата на овој проект.

„Ова го сметам за добар и значаен проект за општината. Имам впечаток дека и мнозинството од мештаните го делат задоволството, особено сега кога хотелот е отворен и веќе се гледаат позитивните ефекти врз дестинацијата“, вели.

7

Буџетот на општината се зголеми за 1,2 милиони куни

Не интересираше и кои се конкретните позитивни економски ефекти.

„Имаме директни и индиректни ефекти. Директни придобивки се комунален придонес, комунална такса, туристичка такса, данок на доход од вработени. Во принцип, станува збор за годишно зголемување на првичниот буџет за приближно 1.200.000,00 куни“ вели.

„Индиректни  се вработувања, зголемување на вонпансионската потрошувачка, развој на вонпансиска понуда, зголемување на маркетинг активностите на дестинацијата, создавање поквалитетна дестинација и слично“, одговара градоначалникот.

Го прашавме и за критиките од стручната јавност и обвинувањата за девастација на брегот.

„Секој има право на свое мислење и можам да прифатам дека некому не му се допаѓа и дека им е преголемо “, почнува дипломатски.

„Факт е дека во медиумите излегуваат фотографии направени од перспектива која никогаш не била во фокус, или многу ретко, бидејќи не била привлечна. Практично дури сега стана ‘атрактивна’. За девастација на брегот воопшто не се согласувам, бидејќи до 2013 година на оваа локација беше фабриката Сардина. Брегот не е ни допрен. Пред хотелот има шеталиште, а дури после тоа е морското добро. Оградниот ѕид на хотелот на некои места е вовлечен навнатре, за разлика од оградата на фабриката Сардина“, објаснува Маровиќ.

8

За крај, нè интересираше во кави односи е Општина Постира и фирмата Јадран од Цриквеница која го презеде управувањето со Grand Hotel View.

„Се запознавме преку интернет непосредно пред отворањето на хотелот. Односот е деловен, секој на секого му стои на располагање, мислам дека ова е нормално со оглед на тоа што хотелот е важен економски фактор во нашата општина, а такви односи имам и со сите други мали и големи бизнисмени од нашата општина“, изјави Маровиќ за Index.

Јадран го изнајмил Grand Hotel View за период од шест месеци, од 1 јуни 2022 година до 31 декември 2022 година, објавија медиумите оваа пролет.

Хотелот го изгради загрепската компанија Adria Coast Turizam, чии сопственици се контроверзни претприемачи. Изградбата на хотелот наводно чинела околу 30 милиони евра.

Го прашавме Јадран од Цриквеница – кој пак е во сопственост на два пензиски фонда – за тоа како е изнајмен хотелот.

„Фирмата Јадран склучи договор за закуп на хотелот ​​со Adria Coast Turizam од Загреб за периодот од 1 јуни до крајот на оваа година. Цената на закупот, согласно одредбите од договорот, е деловна тајна“, одговори Луција Јукиќ, директорка за продажба и маркетинг во Јадран.

„Досегашната искористеност на хотелот и постигнатите резултати, како и резервациите и најавите до крајот на главната сезона, како и постсезоната, покажуваат дека можеме да очекуваме исклучително успешна деловна година“, велат од Јадран, но не сакаа да ни откријат што ќе се случува по шестмесечниот закуп.

„Платите на вработените се во согласност со колективниот договор“

Нагласуваат и дека немаат проблеми со работната сила и дека се трудат да имаат фер однос кон вработените.

„Покрај сите капитални инвестиции во сместувачките капацитети, вниманието го насочуваме и кон нашите вработени, како постојани така и сезонски работници, со кои воспоставуваме долгорочни односи на меѓусебна лојалност, со што обезбедува квалитетно ниво на нашите услуги, особено за време на главната туристичка сезона. Засега немаме проблеми со бројот и квалитетот на кадрите. Исто така, согласно досегашната пракса, и понатаму како компанија и посакуван работодавач, поттикнуваме и поддржуваме едукација на кадри за професии во туризмот со стипендирање на студенти во стручните образовни институции“, наведуваат од Јадран.

„Платите на сите наши вработени се во согласност со колективниот договор, а секоја година ги наградуваме вработените според остварените деловни резултати“, посочуваат од Јадран.

Извор: Index.hr

Испрати коментар

Scroll To Top