Сместен веднаш од другата страна на улицата, спроти катедрала во готски стил, хотелот во виетнамскиот град Да Нанга е дел од брендот Bare Boutique Stays и нуди посебен вид на сместување. Интересна комбинација на локација и архитектура создава безбеден простор во кој гостите се чувствуваат „како дома“ во непознат град. Станува збор за удобен и приватен простор во кој може да се пронајде мир по истражување нови места.
Иако е прилично мал по димензии, овој хотел зрачи со младешка енергија која сепак го почитува минатото, па слободно може да се каже дека е место со многу елегантен современ дизајн. Хотелот функционира според систем самопријавување и одјавување, а за да се постигне поголема приватност, секоја студио-соба е распоредена на посебен кат.
Материјалите што се користат за фасадата – дрво, камен и метал – нудат комбинација за елегантниот стил. Формата на зградата е многу тесна, што укажува на потребата од отворена фасада која обезбедува многу светлина за внатрешниот простор. Архитектурата на фасадата е едноставна со елегантни линии кои формираат три вертикални елементи кои ја нагласуваат висината на објектот.
Внатрешниот простор означува удобност и спокојство. Секоја студио соба има своја палета на бои и сопствен мебел, со што се создаваат различни атмосфери погодни за релаксација. За ентериерот, архитектите од бирото 09 Design Studio нашле инспирација во блиската готска катедрала од каде што „позајмиле“ серија лакови.
Главните материјали што се користени во ентериерот се традиционалното јасеново дрво со неговите светли тонови, во комбинација со обоен метал и мермер што се користат за акценти како што се вратите и мебелот. Осветлувањето е исто така важно за секоја просторија, природното што доаѓа од голем прозорец и вештачкото што е внимателно поставено за да создаде смирувачка и релаксирачка атмосфера.
Распоредот на секоја соба се фокусира на функционалноста и ефикасноста во користењето на просторот. Ентериерот сугерира паметен распоред на различни функции потребни за совршен престој. Надворешните ходници и скали се исполнети со природна светлина што доаѓа од светларникот, додека на горниот кат од зградата има прекрасна тераса исполнета со светлина и раскошни растенија. Овој заеднички простор на хотелот е заштитен со пергола, што го прави совршено место за повлекување по ден поминат во разгледување на градот.