Хотелот Briig во Сплит, дело на архитектите Маја Тедесчи и Дамир Рако ја освои угледната награда Big SEE Architecture Award 2020, во категорија најдобри архитектонски остварувања во сферата јавни згради. Наградата ја препознава и истакнува особеноста во архитектурата, а ја доделува BIG, словенечка организација за промоција на архитектура.
„Наградата ја доживеав како големо признание, чест ми е да бидам во друштво на познати и угледни имиња на европската архитектура“, вели Маја Тедесчи за хрватскиот „Јутарњи лист“ и додава, „ова признание за проект за хотелот Briig, кој авторски го потпишуваме Дамир Рако и јас, со многу соработници, е јасна потврда дека нашиот современ обликовен речник во точен дијалог со традиционалниот контекст на големиот град Сплит, препознаен е како важен и единствен можен начин на архитектонското изразување во 21. век“.
„Секако дека таква архитектонска современост и модерност ги прераснува рамките на сопствената функција и појавност; таа рефлектира цела низа општествени вредности од мултикултуралност, толеранција, вклученост и создава проекција за понатамошно промислено и организирано развивање на еден важен медитерански град“ – истакнува архитектицата.
Хотелот Briig е впечатлива бела зграда со асиметрични линии. Преку влезот се приоѓа до отмена рецепција. Во лобито доминираат монументални завиени црни скали.
Мебелот и расветата од реномирани светски дизајнери, каменот од северна Италија, плакатите на Борис Буќан, графиките на Јулио Книфер и инсталациите на Александар Срнец се само некои од истакнатите детали. Срцето на хотелот го претставува искршен атриум како фасадата, и е посвета на јапонскиот уметник Ногучи, на неговата прочуена искршена, хартиена светилка.
Отворот во средина на објектот се протега до стаклениот кров, а ги поврзува внатрешните ходници и 59. соби сместени на пет ката.
Добитниците на наградата SEE Architecture ќе бидат прогласени на фестивалот BIG на 16. октомври оваа година во City of Design во Љубљана.