Дубаи е град познат по своите луксузни хотели со ресторани, базени и теретани, а еден од нив е специфичен што во средината има прашума.
Се работи за хотелот Rosemont Hotel & Residences од синџирот хотели на Hilton и ќе биде отворен во 2018 година. Во неговиот центар се наоѓа вештачка прашума на 7.000 квадратни метри и претставува вистинска џунгла сред пустина.
Хотелот има 47 катови и 450 соби, составен од две кули, а на покривот се наоѓа базен. Рецепцијата, исто така, се наоѓа високо, така што гостите од почеток може да уживаат во погледот. Двете кули се на петкатен подиум, каде се наоѓаат прашумата, вештачка плажа и уште еден базен.
Во кулите има теретана, спа центар, ресторани, аквариум, забавен парк и уште многу интересни содржини.
Изградбата на хотелот чинела 265 милиони евра, а се работи за проект на познатото архитектонско и дизајнерско биро ZAS Architects.