Архитектите од студиото на славната Заха Хадид објавија нов визуелен концепт за конструкција на 185 метри висок облакодер во Мелбурн, Австралија кој ќе биде направен од четири делови, сместени еден во друг, со бела фасада. Дизајнот на објектот беше објавен уште во 2015 година од студиото на Хадид во Лондон. Тој ќе се гради на локација на улицата „Колинс“, во срцето на бизнис-дистриктот во Мелбурн. Предвидено е објектот да биде завршен во 2023 година, а со него ќе стопанисува „Мандарин ориентал хотел груп“.
Она што го прави објектот посебен е конструкцијата, имајќи предвид дека четирите делови се еден во друг и имаат облик на вазна. Поради тоа проектот веќе е познат како хотелот „Вазна“ што се нуди и како маркетинг-трик за привлекување туристи и клиентела. Освен вазноликиот облик, екстериерот односно фасадата има исто така уникатна форма, поточно мрежеста обвивка која е комбинирана со стакло.
– Хотелот содржи историски аспекти со некои традиционални солуции па воспоставува деликатна, односно нежна форма на структура која е важечка само за овој хотелски комплекс и за нас е најважна – вели Мајкл Паска, проект-директор на Заха Хадид студиото во Лондон.
Хотелот според техничките параметри ќе има 196 соби и 148 апартмани кои ќе се простираат на највисокиот кат од каде се пружа најубавата глетка на Мелбурн. Гостите од овој дел ќе имаат посебни привилегии како што се посебни простории, лифтови, пристапи, а пред сè бар и ресторан на самиот врв со совршен поглед од летна тераса.
Секако, соодветно на намената и на цената, за задоволството да биде комплетно планирани се и фитнес-сали, базени и спа-центар на самиот врв.
Според образложението на Паска, секој од четирите сегменти овозможува физичка одвоеност на објектот, при што секоја од четирите вазни (објекти) ќе има своја намена и во поглед на конфигурацијата на внатрешноста и таргетираната клиентела. Најгорната, или врвот е предвиден за најбогатите класи.
Засега проектот е во надлежност на компанијата „Ландрим“ која ќе го изгради облакодерот-хотел и потоа ќе ѝ го предаде на користење на Мандарин ориентал групацијата. Она што е особено важно е што студиото на Заха Хадид во Лондон сака да воспостави нови стандарди кога е во прашање хотелиерството, а пред сè да остави можност за збогатување на наследството на архитектката Хадид која почина лани.