Насловна / Архитектура / Хотел „Театар“ во Битола – традиционален објект со модерен комфор

Хотел „Театар“ во Битола – традиционален објект со модерен комфор

hotel teatar bitola_05

Битола е град кој едноставно освојува. Во срцето на овој наш стар конзулски центар, силно се чувствува пулсот на историјата и шармот на старите сокаци со силуети на преубавата традиционална архитектура. Тука се мешаат старото и новото, историското и модерното, традиционалното и авангардното. Овој град гордо чекори кон иднината, чувајќи ја својата богата ризница на култура, архитектура и историја. Токму во тоа централно градско јадро, сочувано и заштитено како културно-историско подрачје, се издигнува нов репер на традиционален хотел со модерен комфор.

hotel teatar bitola_02

Тоа е новиот градски хотел „Театар“, кој е изграден во стилот на традиционалната архитектура. Проектиран од архитектот Михаел Димитровски, овој објект изникнува во чипкастото урбано милје кон крајот на 2013 година. Постоечкиот објект на локацијата е срушен а на негово место се издигнува сосема нова градба. Објектот ве пречекува широко со своите дрвени масивни порти, зад чии високи камени огради се открива прекрасниот двор уреден со префинет вкус и традиционални обележја кои ја следат естетиката на објектот.

hotel teatar bitola_07

Надворешното обликување на објектот е условено од Министерството за култура – Управа за културно наследство, чии препораки се следени при изградбата на објектот. Концептуално објектот е замислен како мал, семеен хотел кој со својот амбиент, услуги и флексибилност ќе одговори на современите потреби на своите клиенти.hotel teatar bitola_11

Објектот се состои од визба, приземје, кат и поткровје. Просторот од 100 м2 во визбата, што има отворен карактер, припаѓа на „Интимен театар“ на режисерот Софија Ристевска, како прв независен приватен театар во Македонија кој функционира во сопствен простор. Истиот тој простор може тематски да се трансформира како мултифункционална сала за состаноци, банкети, предавања, концерти итн, сето тоа во склоп на ограничениот простор кој треба да одговори на бројните програмски содржини на хотелот.

hotel teatar bitola_10hotel teatar bitola_06

Приземјето го содржи чардакот на хотелот со екстензија кон холот каде е сместен хотелскиот бар. На катот и поткровјето се сместени десетте соби, секоја различна со засебен идентитет. Од нив седум се еднособни опремени со „твин“ или „дабл“ кревети, две двокреветни (со брачен кревет) и една трикреветна, или вкупен капацитет од 18-21 легло.

hotel teatar bitola_12

Конструкцијата на објектот е армирано-бетонска со безгреден систем. Доминира употребата на природни материјали како мимикрија на старото градителство, па така надворешните ѕидови на приземјето се изведени од речен фугиран камен кој е поставен на надворешната страна од армирано-бетонското платно. Од внатрешната страна платното е обложено со гипс-картонски плочи монтирани на метална потконструкција, со поставување на термоизолација. hotel teatar bitola_03

Надворешните ѕидови на катот се изведени од керамички блок, со поставување на термоизолациона контакна фасада, обложени со гипс-картонски плочи од внатрешна страна. Сите преградни ѕидови се изведени од гипс-картонски плочи на метална потконструкција.hotel teatar bitola_02

Надворешниот лик е преточен и во внатрешноста на објектот, иако тоа не е зададено во условите од Министерството, но е нужно за оформување на логична слика за целиот објект. Во холовите е употребен локален гранит – тип Мариово. Декоративните елементи во јавните простори се изработени од дрво, следејќи ја локалната традиција. Украсните елементи на фасадата како и прозорците и вратите, исто така, се изработени од дрво, по нарачка. hotel teatar bitola_01

Подовите на дворот и чардакот се изработени од камен. Со голем сензибилитет за естетика, вметнати се декоративни предмети со етно потекло најчесто од Битола и битолскиот крај. Овој хотел како да позајмил парче од мозаикот на минатото, доловувајќи слика на вистинското богатство на нашата традицонална архитекура во еден модерен контекст на стил и живеење.

hotel teatar bitola_04

 

3 коментари

  1. SEVDA DAVIDOVIC

    SEKOJA CEST BITOLCANI PONOSNA SUM NA VAS

  2. Prekrasno “malio” nesto vo isto vreme udobno kako kutivce

Испрати коментар

Scroll To Top