Токму во овој незгоден момент за туризмот поради пандемијата, мал и убав хотел во срцето на Белград, проектиран од бирото „А4 студио“, ги отвори вратите за гостите. Хотелот наречен „7 Rooms“ се наоѓа во најстрогиот центар на градот.
Како таква, оваа централна локација е исклучително привлечна за сите туристи кои сакаат да уживаат и максимално да го искористат својот престој во Белград. Тука се и голем број ресторани, кафулиња, културни и забавни содржини. Покрај атрактивната локација, она што го прави овој хотел посебен е фактот што секоја соба е дизајнирана на различен начин.
Програмски и организациски хотелот ја следи геометријата на наследениот простор кој е изразито издолжен. „Функционалната организација на хотелот е линеарна, така што до секоја сместувачка единица се пристапува од долг ходник кој воедно го поврзува и фоајето со рецепцијата. Собите се комотни и современо опремени“, велат архитектите од „А4 студио“.
Типолошки, организацијата на хотелот е несекојдневна. Веднаш до скалите (речиси на просторот на подестот) има мало лоби. Од фоајето се влегува во долг коридор на чиј крај е рецепцијата. Од левата страна, една по друга, во строг ритам, се нижат собите со слична големина.
„Нашата идеја беше да ги зачуваме и истакнеме сите квалитети на постојното“ – наведуваат архитектите. Сите соби се двокреветни со варијации на темата во однос на организацијата, опремата, материјализацијата и дизајнот. Но, моделот на опрема и материјализација е сличен, но сепак различен. Секоја соба има бања, кујна, гардеробер и работна маса.
„Обликовно и стилски, хотелот „7 Rooms“ се карактеризира со модерен и индустриски дизајн со примеси на удобност и луксуз, што е постигнато со употреба на најквалитетна опрема и материјали“ – велат архитектите.
Во ентериерот доминираат тули, бетон, браварски елементи, неутрални сиви тонови со акцент на жолта боја, слогани кои дополнително придонесуваат за динамична атмосфера. Изборот на осветлување како и деталите во боја даваат акцент и дополнителен квалитет на просторот.