Хотелот „Панорама“ во Крушево е изграден во седумдесеттите години од минатиот век како одморалиште од затворен тип на „Технометал Вардар“. Објектот се наоѓа на планината над градот Крушево и со својата местоположба овозможува прекрасни погледи кон амфитеатралната организација на градот Крушево и богатата живописна вегетација околу него. До хотелот се пристапува по калдрма. Пристапното плато пред хотелот се користи како паркинг за возила, а заради топографијата и стрмноста на теренот, до влезот на објектот се пристапува преку неколку каскадни платоа поврзани меѓусебно со широки еднолиниски скали. Постојниот објект се состои од приземје и две нивоа и со применетиот обликуван архитектонски концепт на сите содржини, овозможува убави визури кон градот Крушево.
Со новиот проект на архитектонското биро „МЕГАРОН Инженеринг“ за хотелот „Панорама“ во Крушево, предвидена е доградба и надградба на делови од објектот и утврдување на изгледот на фасадата како објект од значење на општина Крушево. Со оглед на тоа што хотелот е изграден како одморалиште од затворен тип, врз основа на барањата на приватниот инвеститор, господинот Кочо Стојчевски, проектот има цел објектот да го трансформира во хотел од јавен тип, функционално да го подобри, да го збогати програмски и осовремени, а истовремено да ја задржи и испочитува постоечката обликуваност, материјалноста и архитектонската естетика.
Со доградбата и надградбата на источната страна на хотелот, во приземното ниво се проширува постоечкиот хотелски ресторан, а на првото ниво се воведуваат два нови апартмани, истовремено се зголемува и проширува постоечката конференциска сала. Се прави целосна реконструкција, реорганизација и осовременување на сместувачкиот капацитет, а се предвидува инсталирање на два патнички лифта со кои се подобрува пристапот до хотелот и внатрешната комуникација. Како нова програмска целина со проектот се воведува целосно нов, современ СПА центар со базенска зона и соодветна придружна содржина.
Со оглед на тоа што пристапното плато пред хотелот се користи како паркинг за возила, а заради топографијата на теренот до влезот на објектот досега се пристапуваше преку неколку платформи поврзани меѓусебно со скали, воведувањето на надворешен патнички лифт значително ја подобрува пристапноста на посетителите до хотелот. Од платото за паркирање со лифтот гостите се носат до нивото на хотелот и преку топла врска се водат во внатрешноста на хотелот до хотелското лоби и рецепцијата, додека внатрешениот лифт е во знак на подобрување на внатрешната вертикална комуникација на посетителите во хотелот од приземјето до второто ниво.
Сместувачките делови во хотелот целосно се реконструираат, реорганизираат и осовременуваат. Со предвидената доградба се воведуваат два нови апартмани и со реорганизација на постоечките соби, хотелот „Панорама“ доби вкупно осум лускузни апартмани и 12 хотелски соби со извонреден поглед кон градот Крушево. Хотелските соби и апартмани целосно се реконструираат во современ архитектонски израз, но истовремено задржувајќи ја употребата на дрвото и каменот како материјал во ентериерното естетско обликување.
Доградбата предвидува и проширување на постоечкиот хотелски ресторан. Со неа, новиот хотелски ресторан се димензионира со максимален капацитет од 90 места, а соодветно и во склоп на ресторанот се модернизира и постоечката хотелска кујна која треба да воведе новини во локалната гастрономија.
По иницијалните разговори со инвеститорот како соодветен проектантски одговор на неговите барања, во хотелот како нова програмска и функционална целина предвидовме целосно нов современ СПА центар кој досега не постоеше. Во СПА центарот се сместени базенски дел, соодветни гардероби, сауна, соба за масажа, топли и хидро масажни лежалки, како и независни санитарии за корисниците на СПА центарот. Воведувањето на СПА центарот како нова содржина ја збогатува атрактивноста како на хотелот така и на туристичката понуда на градот Крушево.
Проектот на „МЕГАРОН Инженеринг“ за објектот хотел „Панорама“ во Крушево и изгледот на фасадата, пристапува кон естетско–обликувана и функционална реконструкција и интервенција во ентериерот и екстериерот на објектот, со цел тој да претставува соодветен примерок на карактеристичните локални форми и применети материјали. Обликувано со доградбата и надградбата на хотелот се внимава да се следи архитектонскиот проектантски концепт, модулите и ритамот на архитектонските волумени, каскадното решение на нивоата, визурите кон Крушево, како и надворешната материјализација на фасадата. Отворите на фасадата и во приземјето и на катовите остануваат непроменети, се задржува истиот ритам како во оригиналниот проект, но се заменуваат со поквалитетни, со кои се подобруваат енергетските и акустичните карактеристики. Целосната обработка на фасадата е со примена на термоизолација како современ пристап на општа прифатена заштеда на енергија. Формата на кровот е задржана како во оригиналниот проект, расчленета соодветно на архитектонските волумени. Постоечкиот кровен покривач од дрвена шиндра се заменува со камени шкрилци за да се задржи архитектонскиот концепт и автентичниот изглед на објектот, што претставува продолжување и задржување на локалната градителска традиција.
Посебно внимание е посветено на употребата на локалните градителски материјали, каменот и дрвото, во естетското обликување на ентериерот. Употребата на каменот и дрвото преку современа обработка се среќаваат во јавните простори за посетители (лобито, ресторанот) и во ентериерната обработка и опрема на собите. Нивната употреба ја дополнуваат постоечката ентериерна обработка, посебно во делови на лобито, која е задржана како елемент и претставува врска на стариот оригинален проект со новиот проект на архитектонското биро „МЕГАРОН Инженеринг“. Употребата на локалните материјали во надворешното и внатрешното обликување, хотелот го задржува во планински контекст, а самата примена на материјалите директно асоцира на природната околина на непосредното планинско опкружување кое изобилува со борова и букова шума.
Подготвил: „МЕГАРОН Инженеринг“
МЕГАРОН – 25 ГОДИНИ НА АРХИТЕКТОНСКАТА СЦЕНА
Веќе дваесет и пет години на овдешната архитектонска сцена опстојува и работи скопското архитектонско проектантско биро „МЕГАРОН Инженеринг“. Формирано во 1992 година од архитектите Бујар Муча и Предраг Андонов, сè уште, успешно и креативно, функционира со над стотина авторски проекти во Македонија и надвор од неа.
Еден од последните проекти на кои работи архитектонско биро „МЕГАРОН Инженеринг“ е проектирање на доградба, надградба на делови и внатрешна реконструкција на објектот хотел „Панорама“ во Крушево, со цел да го подобри функционално, програмски да го збогати и осовремени. Проектната документација која доби и валидно одобрение за градба, веќе се наоѓа во поодмината фаза на изградба.
Проектант автор на оригиналниот проект за хотелот „Панорама“ во Крушево е професор доктор Благоја Колев, архитект. Како проектантско биро се залагаме за почитување, зачувување на проектантскиот авторски интегритет и авторските права врз еден архитектонски проект. Во овој случај, пред отпочнување на проектантскиот процес, се обративме и го консултиравме авторот Благоја Колев кому му беше презентирана идејата за интервенцијата на објектот. По неколку одржани креативни разговори и размисли за објектот, од него добивме целосна поддршка и авторска согласност за реализирање на интервенцијата. Можеме да потврдиме дека професорот Благоја Колев беше позитивно изненаден за нашата професионална и етичка постапка. Ваквата практика досега неколкупати сме ја повторувале. За проектот за реконструкција и адаптација на НУ Албански театар во Скопје, побаравме и добивме согласност од авторката, архитектката Вера Ќосевска, за проектот за реконструкција на кровот на НУ Музеј на современа уметност во Скопје, побаравме и добивме согласност од Полската комора на архитекти. Горенаведените случаи се само потврда за заложбата на „МЕГАРОН Инженеринг“ за почитување на професионалниот интегритет на архитектонската професија и авторските права врз еден архитектонски проект, нешто што ќе го практикуваме и во иднина.
Реконструкција на Музеј на Современа уметност, Скопје
(идеен, основен и изведбен проект)
Индивидуална станбена зграда, Скопје
(проектирање)
Општинска зграда во Грачаница, Косово
(идеен, основен и изведбен проект)
Регионална јавна библиотека, Гнилање
(идеен, основен и изведбен проект)
Административен објект, Куќа на фудбалот, Општина Аеродром-Скопје
(основен проект)
Административен објект „Фармахем“ – Скопје
(идеен, основен и изведбен проект)
Реконструкција и адаптација на НУ Албански театар, Скопје
(основен проект)
Детска градинка „Кочо Рацин“, општина Центар-Скопје
(основен проект)
Фудбалски стадион Локалитет „Тумбе Кафе“, Битола
(основен проект)
Катна гаража „Биљанини извори“, Охрид
(конкурсно решение, 2 место)
Хотел Парк и Спа, Скопје
(надзор на изградба)
Спортски комплекс „Јане Сандански“
(надзор на изградба)
Фудбалска академија на ФК Вардар, Скопје
(надзор на изградба)
Тренинг центар на ФК Вардар, Хиподром, Скопје
(надзор на изградба)