Хотелот „Точка на мапа“ (руски „Точка на карте“) се наоѓа на 120 километри од Санкт Петербург на брегот на езерото Ладога, на границата со Република Карелија. Хотелскиот комплекс се состои од долги двокатни блокови со двокреветни соби, одвоени апартмани и зграда на рецепција. Хотелот е проектиран според префабрикувана технологија: модулите од 3,5/7 метри се склопуваат во фабриката, а потоа се испорачуваат на градилиште со внатрешна завршна обработка, пишува ArchDaily.
Овие модули се речиси подготвени да ги пречекаат гостите: остатокот од работата е да се поврзат на напојување и да се уреди мебелот. Хотелот се состои од три блока: 32 стандардни соби, одвоени апартмани и зграда на рецепција. Еден модул е стандардна соба со површина од 18 квадратни метри.
Апартманите се составени од два модула. Зградата на рецепција се состои од три модули и други префабрикувани елементи. Проширениот опсег на хотелски модули се состои од четири двокатни блокови меѓусебно поврзани со скали и тераси. Формите на теренот, распоредот на дрвјата и стремежот на проектантите од архитектонското биро Rhizome да обезбедат поглед на брегот од секоја соба ја одредуваат позицијата на зградите на локацијата.
Модулите се позиционирани така што сите објекти се „дисперзирани“ меѓу боровите дрвја. „Токму контекстот на северната природа на Карелија го дефинираше нашиот архитектонски дизајн: хотелот се наоѓа на местото каде што реката Вуокси се влева во езерото Ладога. Сите модули се сместени меѓу постоечките борови дрвја кои беа спасени од сечење благодарение на модуларната технологија. Првата последица од овој контекст беше да се максимизира интеракцијата помеѓу жителите и околината. Тоа е изразено во застаклувањето од подот до плафонот со поглед на езерото Ладога од секоја соба“, велат архитектите.
Втората е избраните материјали и дезени. Изобилството од дрво и темен метал во надворешната обработка го поместува фокусот од архитектурата нагласувајќи ја природата како протагонист во овој простор.. „Веруваме дека успеавме да ја постигнеме суштината на место кое е својствено за модерната нордиска архитектура“, додаваат проектантите.