Насловна / Архитектура / Хосписи – простори за нега на терминални пациенти

Хосписи – простори за нега на терминални пациенти

Перманентниот пораст на бројот на заболени од малигни неоплзми, големите трошоци за лекување, економската оптовареност од инвалидитет и прерана смрт, се приоритетни здравствени проблеми во патологијата на населението во Република Македонија. Во 2015 година, малигните неоплазми се втора причина за смрт кај населението со застапеност 18,3 отсто во структурата на застапеност на вкупно умрени лица. Во периодот 2013-2015 година во болничко-стационарна дејност просечно годишно се лекувани 29.289 болни од малигни неоплазми. Во Република Македонија просечно годишно умираат 3.741 лица од малигни неоплазми како основна причина за смрт. (Извор – Институт за Јавно здравје на РМ) 

St-Davids-Hospice

Хосписот е објект (систем) со интердисциплинарна грижа, која обезбедува услуги на палијативна нега на пациенти од сите возрасти, со предвидено преживување од шест месеци или помалку. По дефиниција, хоспис-негата подразбира целосен пристап до пациентот, со цел да се задоволат сите негови потреби, физички, социјални и духовни. Услугите ги обезбедуваат мултипрофесионални тимови, кои грижата ја базираат на индивидуалните потреби и личниот избор на пациентот, со фокус на отсуство на болка, достоинство, удобност и спокојно умирање. Во хосписите се обезбедува грижа за лица кои се соочуваат со крајот на животот, како и помош на нивните семејства.

TA_HH_177

Термините хоспис и палијативна нега, моделите и услугите се разликуваат од земја до земја, особено меѓу Европа и Америка. И едниот и другиот термин претставуваат филозофија за нега со цел подобрување на квалитетот на животот на тешко заболените и нивните семејства. Вклучуваат холистички пристап и мултидисциплинарен третман. Разликите се однесуваат на местото на обезбедување на услуги, стадиумот на болеста, како и критериумите кои треба да ги исполнува пациентот. Во повеќето земји стационарниот хоспис е самостојна служба со фокус на терминална нега. Може да се дефинира како „куќа која нуди нега и квалитетен живот за терминалните болни и нивните роднини“. Хосписот обезбедува хумана и сочувствителна грижа за неизлечиво болните, удобни последни денови на земјата. Хосписот се концентрира на намалување на сериозноста на симптомите на болеста, наместо на обезбедување лек. Целта е да се спречат и олеснат страдањата и да се подобри квалитетот на животот на луѓето, кои се соочени со сериозна, комплексна и неизлечива болест.

Модерното хоспис-движење било основано од страна на Дејм Сисили Сондерс, која почнала да работи со смртно болни во 1948 година, за на крај, во 1967 година, да го создаде првиот модерен хоспис – Хосписот на Св. Кристофер, во станбеното предградие на Лондон.

Assisted Living & Hospice Care in Phoenix AZ

Денес, флексибилни структури за неколку пациенти, често во природа и со пријатeн ентериер, се најновите објекти за хосписи, дизајнирани за долг престој. Првата личност што ја донесе оваа идеја беше пациент, иако прилично посебен. Жената на теоретичарот на архитектурата Чарлс Џенкс, Меги Кесвик, неколку пати беше примена во Одделот за рак на Шкотската болница во раните 1990-ти години, каде ја доживеа ужасната типична атмосфера на пренатрупани соби и неонски ѕидови. Во 1995 година, Меги Кесвик Џенкс, го напиша ова за нејзиното искуство со рак:

„Дијагнозата на рак ве удира како удар во стомакот… Нема пат. Нема компас. Нема мапа. Нема обука… Во еден ист момент, не можев да седам, да лежам или да стојам, да слушам или да зборувам кохерентно, бидејќи мојот разнишан ум вибрираше толку силно низ моето тело што чувствував дека може да се распаднам“.

Mary-Stevens-002-1

Во рок од седум години, Меги доживеа дијагноза на рак, третман, подобрување и повторување. Тоа што го сфати и искуството што го стекна за тоа време, го трансформираше во пионерски пристап кон нега на пациентите заболени од рак. Меѓу верувањата на Меги за третман на ракот е важноста на средината во која престојуваат лицата болни од рак. Таа зборуваше за потребата од внимателно осмислено осветлување, поглед кон дрвја, птици и небо, и можност за релаксација и разговор надвор од просторот за нега. Таа зборуваше за потребата од гостопримлив, смирувачки простор, како и место за приватност, каде секој ќе може да ги прими информациите на свој начин. Ако архитектурата може да ги деморализира пациентите, како што вели таа, нели го може и обратното: да докаже дека овозможува и закрепнување? Оваа мисла Меги ја користеше како основа за развој (заедно со Чарлс) на новата генерација центри за поддршка на пациентите со рак. Денес постојат повеќе од дваесет, од Единбург до Хонг Конг. Тие се технолошки напредни, гостопримливи, лоцирани во природа, во различни делови на светот и дизајнирани од врвни архитекти. Тоа се мирни, пријателски места, чија задача е да им помогнат на обичните луѓе кои имаат рак да најдат надеж, одлучност и сила, потребни да се справат со еден од најтешките предизвици со којшто ќе се соочат. Оттогаш, потребата да се развие специфична архитектура за пациенти со долготраен престој, било да е тоа едноставен дом за стари луѓе или објект за луѓе кои страдаат од алцхајмерова болест, се чувствува сè пошироко. И претставува предизвик за многу архитекти.

823a126a-3983-49e6-889a-740eb03e6c20

За самите пациенти, пак, сето ова има огромно влијание. За лицето кое се приближува кон крајот на животот, престојот во болнички услови значи да се биде лишен од простор и приватност за интимни дискусии и посебни моменти со најблиските, кога најмногу му е потребно. За болничкиот персонал, тоа значи да се соопштуваат лошите вести во прометни јавни простори. Членовите на семејството во текот на ова време најчесто не се целосно спремни (психички и физички) да ги задоволат потребите на пациентот. Просторот за нега до крајот на животот, треба да се препознае како време на најинтензивни човечки чувства, што може да вклучува тага, загуба, анксиозност и страв.

1116_cover_willson_hospice

Хосписот е објект во кој е сместен добро обучен персонал, како интердисциплинарен тим на лекари, медицински сестри, социјални работници, советници, асистенти за домашна нега, терапевти и обучени волонтери, кои нудат поддршка според специфични области на експертиза, (вклучувајќи и давање на социјална, емоционална и духовна поддршка) на терминално болните.

F5612C6B-D501-9449-8AD0-F039FF7624EF

Хосписите најчесто се градат како приземни објекти во амбиент кој потсетува на дом. Просечниот хоспис е составен од стационарен дел, дневна болница, домашна нега, амбуланти, советувалиште во период на жалост и капели за верници. Вклучува и посебни простории кои се наменети за социјални и терапевтски активности. Најмалиот капацитет е осум кревети. Спалните соби се еднокреветни или двокреветни. Услугите се достапни 24 часа, седум дена во неделата. Во стационарниот хоспис, бројот на медицински сестри се движи од 1,2 до 1,5 на еден лежечки пациент. Финансирањето варира од земја до земја. Некаде се финансираат од националниот фонд за здравствено осигурување, некои се потпираат на доброволни донации, а некои се приватни. Треба да се напомене дека хоспис не е само модерна зграда каде се згрижуваат терминално болните, туку е првенствено филозофија на нега, која се базира на тоа дека секогаш нешто може да се направи за да му помогне на пациентот.

3054229_noahsarkchildrenshospice_squire_03_cgifamilyroom

И не секаде се обезбедуваат посебни објекти за престој на лица со терминална болест. Многу често просториите за нега се оформуваат во самата болница со конверзија на ограничен број на болнички соби за акутна нега во постоечките оддели.

Факт е дека скоро половина од луѓето умираат во акутни болници. Додека болничкиот персонал се стреми да обезбеди најдобра можна грижа за луѓето на крајот од нивниот живот, самата физичка средина на болниците може да го намали достоинството на пациентите и нивните семејства. Постојат разни проекти за трансформативни промени на акутни болници. Целта е да се направи смртта поднослива за оние кои се на крајот на животот и за семејството и пријателите, кои го споделуваат тоа последно патување. Болничките установи во многу земји, меѓу кои и Македонија, располагаат со простори, кои не се во состојба да одговорат на модерните потреби и затоа е потребно да се градат нови болнички објекти, а овие да се пренаменат. Болничките установи располагаат и со простори кои се затворени и не се користат од одредени причини и истите, со имагинативно реновирање можат да се претворат во оази на смиреност, одвоени од брзиот и гласен ритам на акутните оддели, каде лошите вести можат да бидат пренесени чувствително или каде семејствата можат да се соберат и да се напијат кафе, чај и да разговараат. Овие релативно мали инвестиции прават вистинска разлика за луѓето во едно трауматизирано време од нивните животи. Бојата, осветлувањето, уметничките дела, акустиката, ткаенините, мебелот, структурните материјали и внесувањето на зеленило се делови од големиот мозаик за нега, кои помагаат да се намали стресот и осаменоста и да се направи неподносливото колку е можно поподносливо.

3054228_noahsarkchildrenshospice_squire_02_cgicentralspine

Сочувствувањето со пациентите и нивните роднини во однос со умирањето, смртта и жалоста, сугерираат одредени принципи, важни за сите пациенти кои добиваат нега во болниците/хосписите, но кои се од голема важност за негата на крајот на животот.

Достоинството се однесува на состојбата или квалитетот на живот достоен за почит, и болничка средина која може да придонесе или да го одвлече вниманието за чувството себепочитување и почитта кон другите. Луѓето се стремат и имаат право на достоинство при умирање и смрт. Здравствениот систем треба да обезбеди пациентите да се згрижени и да умираат достоинствено. Целата нега и третман треба да се одвиваат во средина во која се штити и промовира почит кон поединецот и чувството на самовреднување. Добриот проект тоа го промовира.

Приватноста е тесно поврзана со достоинството. Времето во кое се приближува смртта може да биде многу интимно и не треба да биде непотребно загрозено од други. Луѓето имаат потреба од приватен простор каде можат да разговараат, и каде, ако сакаат, можат да се утешат едни со други природно, следејќи ги своите инстинкти, верувања или религии, надвор од видното поле и прислушкување на другите.

4

Засолниште значи и безбедно место и свето место. Во времето на умирање, смрт и жалост, на луѓето им треба простор каде што можат да имаат мир, поврзаност и поддршка од блиските.

Избор/контрола: Проектот на простор за нега треба да му обезбеди на пациентот избор и контрола на прашања поврзани со животната средина. Недостатокот на овие работи може да биде стресно за пациентите и роднините. Обезбедувањето на пациентите со опции во однос на тоа каде тие го поминуваат времето и дали тие бираат да бидат во друштво или сакаат приватност е од суштинско значење. Обезбедувањето на пациентите со степен на контрола над нивната непосредна околина, како што се температура, вентилација и звук, понекогаш и во соработка со персоналот, исто така е од голема важност.

hospice-copenhagen-nord-architects-gold-cladding-curved-architecture-mark-magazine-04

Безбедност: Целата нега треба да се одвива во рамки на безбедна средина, следејќи ги насоките за задолжителна безбедност, со системи за најдобра заштита и намалување на ризикот по здравјето и безбедноста за сите.

Универзален пристап се постигнува со проектирање на простори, кои ќе ги задоволат различните потреби, како и способноста на сите луѓе кои сакаат или треба да им пристапат да ги користат, дозволувајќи им притоа да комуницираат со нивната околина до крајот на нивната способност. Поради високиот процент на смртни случаи на постари луѓе со хронични и повеќекратни состојби и високиот процент на инвалидност кај пациентите кои се близу до крајот на животот, проектите секогаш мора да обезбедат универзален пристап до сите области на објектите. Насоките за проектирање не се однесуваат на специфичните потреби на лица со посебни потреби, кои се подразбира и се очекува да бидат испочитувани за сите нови и реновирани објекти.

holding-elderly-hands-1440x435

Обликот на физичкиот простор има огромно влијание врз квалитетот на негата што ја примаат пациентите, нивните роднини, вработените и волонтерите, оние кои работат и кои остануваат во хосписот. Успешното обликување на физичкиот простор функционира како активен елемент, придонесувајќи за подобар квалитет на животот на пациентите на крајот од животот и животот на нивните роднини додека ги поддржуваат на тој пат. Успешното обликување на физичкиот простор функционира како активен елемент, придонесувајќи за подобар квалитет на животот на сите луѓе. Отсекогаш сум верувала дека и природната средина и средината креирана од човекот, имаат длабоко влијание на нашата психолошка состојба и интеракцијата помеѓу нас. Во овој контекст, архитектурата има големо влијание во издигнување на хуманите, социјалните и еколошките вредности во светот. Од овие причини, од витална важност е ние архитектите да овозможиме најдобра можна средина. За секого. Особено за оние кои се соочуваат со најголемите предизвици во нивните животи, а со тоа и во животите на нивните семејства, како што се хосписите.

Посветено на сите оние на кои како општество не успеавме да им обезбедиме достоинствена смрт

Автор: Невена Ѓеорѓиевска, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top