Хортензиите со прекрасни цветови во различни бои и нијанси ги разубавуваат градините во текот на летото се до есента. Дури и кога не цветаат, нивните големи темнозелени листови се интересна декорација, особено во комбинација со цвеќињата во градината.
Хортензиите по потекло се од јужна и источна Азија. Името на растението Hydrangea sp. доаѓа од грчкиот збор хидро, што значи воден. Името го добила по млада Французинка која во 1768 година, облечена како момче, се качила на брод кој пловел на една од бројните истражувачки експедиции во Источна Азија, чија цел била да открие нови, дотогаш непознати растителни видови.
Повеќето видови хортензии се високи од еден до три метри, додека останатите имаат мали стебла или се ползавици што можат да израснат и до 30 метри. Можат да бидат листопадни или зимзелени, а повеќето култивирани видови се листопадни.
Цветовите на хортензија се крупни со јарки бои, а листовите се големи и назабени. Цветните глави можат да бидат со различни форми – кружни, купасти или плочести, а бојата бела, розова, црвена, сина и виолетова.
Боите на цветовите се менуваат во зависност од видот, но и од составот и киселоста на почвата, од сина до виолетова, розова и црвена. Природната боја на цветот е розова или бела, но со мали „трикови“ може да се смени. Сината или виолетова боја на цветовите се добива ако во почвата неколку пати се додава една лажица здробена стипса кога ќе се појават пупките.
Цветовите добиваат сина боја, и ако се стават клинци во почвата во близина на корените, или борови иглички се распоредат на почвата околу грмушката. Порано, жените ја добивале сината боја на цвеќето со додавање мастило во водата за наводнување. Само кај белите сорти на хортензии, бојата на цвеќето не зависи од почвата, и тие се секогаш бели.
На хортензиите им одговараат светли места во градината заштитени од директно сонце и делумна сенка. Тие можат да се садат поединечно или во групи, а некои видови по ѕидовите на куќите или перголите.
Хортензијата бара богата хумусна почва, без бигор, рамномерно влажна и благо кисела.
Хортензијата е мочуришно растение, и во лето за време на цветањето бара многу вода. Најдобро е да се полева наутро, со вода во која нема бигор, со дождовница или вода што одстојала.
Напролет, со почетокот на сезоната на растење, треба да се нахрани со ѓубриво специјално подготвено за овој вид на растение.