Со цел да ја намали потрошувачката на електрична енергија, како и т.н. светлосно загадување, Владата на Хонгконг донесе одлука да ги исклучи светлечките неонски реклами, препознатливиот симбол за овој дел од светот.
Одлуката ја поддржаа повеќе од четири илјади претприемачи и различни организации, а светлата ќе се гасат од полноќ до седум часот наутро. Оваа одлука, освен економски има и свој социјален аспект.
Имено, Хонгконг веќе неколку пати досега ја освои титулата на град со најголема стапка на светлосно загадување во светот, кое може да предизвика исцрпеност и нарушување на сонот кај луѓето.
Научниците од Универзитетот во Хонгконг, во 2013 година утврдија дека степенот на осветленоста на градот е околу сто пати поголема од меѓународните стандарди. Сепак, не се сите задоволни со одлуката на властите. „Кога ќе помислите на Хонгконг и визуелната култура, една од првите работи кои ќе ви падне на ум се токму тие светлечки реклами. Кога еднаш ќе ги снема, градот нема веќе никогаш да биде ист“, изјави Арик Чен, кустос на Музејот „М+“.