Непосредно пред завршувањето на изградбата на атрактивната криволиниска кула на локација која во 2017. година беше продадена за вртоглави три милијарди долари се појавија нови фотографии од објектот.
Новите фотографии ја откриваат стаклената фасада на 190 метри високата деловна зграда The Henderson, која го добива својот конечен облик според проектот на Zaha Hadid Architects во Централната деловна четврт во Хонг Конг.
Облакодерот од 36 ката е при крај и веќе се слави како ново обележје на градот, заземајќи централно место покрај јавниот парк Chater Garden, недалеку од зградата на банката HSBC, проект на Foster + Partners.
970.000 долари по квадратен метар
Предметната локација, сместена на адреса Murray Road 2, наводно е најскапата парцела во светот кога ја купи инвеститорот Henderson Land во 2017. година, по цена од 764.000 фунти (околу 970.000 долари денес) по квадратен метар во тоа време – а ги има точно 2900.
„Имајќи ја оваа локација во рака, бевме мошне свесни дека треба да создадеме нешто исклучително и единствено, нешто што е од 21. век и насочено кон иднината. Нашата амбиција беше да создадеме посебно архитектонско дело кое ќе биде забележано и кое ќе предизвика реакции низ целиот свет“, изјави за Dezeen Патрик Шумахер, главен архитект во ZHA.
Иако завршувањето на изградбата на објектот беше најавено за крајот на 2023 година, The Henderson се уште не е официјално завршен, но според прикажаните фотографии може да се забележи дека се поставени поголемиот дел од стаклените фасадни панели.
Како што објасни архитектот Шумахер, органската форма на зградата е инспирирана од пупките на орхидејата од Хонг Конг (Bauhinia × blakeana), цвет што го краси знамето на Хонг Конг, што дава впечатлив контраст во однос на традиционалните облакодери во близина.
4.000 панели од двојно ламинирано стакло
Заоблените волумени на зградата меѓусебно се комбинираат за да создадат брановидна фасада која имитира преклопени цветни ливчиња, што е постигнато со користење на повеќе од 4.000 панели од двојно ламинирано стакло, со вкупно 1.000 различни кривини.
Објектот е конструиран така што телото на зградата е издигнато над теренот, а ќе биде поврзано со мрежа на пешачки надвозници што ќе водат директно до две различни јавни железнички станици и до зелената Chater Garden.
Имитирајќи ги со структурата органските форми и внесувајќи ја природата во зградата преку два отворени балкони и затворена градина на врвот на објектот, архитектонското биро ZHA имало идеја The Henderson да делува како проширување на јавниот парк.
Градината на врвот на зградата ќе има и патека за трчање, додека банкет салата на последниот кат е проектирана да нуди поглед на градот и пристаништето Викторија.
Облакодерот е конструиран така што канцеларискиот простор е со отворен план, без столбови, па така конструктивниот систем е организиран преку шест „мега столбови“ и едно бочно челично јадро.
13 милиони квадрати чекаат да бидат изнајмени
Забележан е и податокот дека до септември, само половина од деловниот простор е изнајмен, а просториите се изнајмени, меѓу другото, од швајцарскиот бренд за часовници Audemars Piguet и аукциската куќа Christie’s, која своето азиско – пацифичко седиште го организирала на четири ката во оваа зграда.
Може да се каже дека ваквата состојба е доказ за кризата на пазарот на канцелариски недвижности во Хонг Конг, каде во моментов има рекордни 13 милиони квадратни метри канцелариски простор кој чека да биде изнајмен.