Honda одржа светска премиера на својот концептен модел под името Honda SUV e: concept, на меѓународната изложба на автомобили во Пекинг (Auto China 2020). Honda SUV e: concept ја покажува насоката на идниот модел за сериско производство на новото електрично возило од брендот Honda. Инаку, Auto China 2020 е отворена за јавноста од 30-ти септември до 5-ти октомври 2020. Honda настојува да развие модел на електричен автомобил за сериско производство, кој ќе понуди вредност врз основа на „искуствата за мобилност кои за купувачите остануваат свежи и забавни“. За таа цел, новиот EV (electric vehicle) модел ќе биде опремен со напредни системи за помош на возачот (omnidirectional Advanced driver-assistive systems – ADAS), следната генерација на сигурносниот систем Honda SENSING, и систем за помош на возачот со подобрено препознавање, предвидување и учинок во донесувањето на одлуки. Ова подобрување е овозможено со ширење на аголот на предната камера и усвојување на радар од 360 степени, што овозможува поточно детектирање на периферното опкружување на возилото. Овој систем ќе помогне во посигурно возење во посложени и поразновидни услови на возење. Honda планира да започне со демонстрациско тестирање во Кина пред крајот на оваа година.
Од компанијата сеуште не ги откриваат деталите за погонскиот склоп на возилото, но веројатно ќе се користи еден електромотор каков што е вграден во моделот Honda e, со моќност од 113kW. Се очекува идниот електричен SUV да има и поголем домет од 220 километри, колку што е дометот на Honda e. Се шпекулира со домет од 500 километри, еднаков на неговиот директен соперник Nissan Ariya. Електричниот SUV на Honda, би можел да биде службено претставен на јавноста во текот на следната година, а почетокот на производството би следувал веднаш потоа. Иако овој модел е првенствено наменет за кинескиот пазар, Honda планира за европскиот пазар да ги електрифицира сите свои главни модели, и да воведе шест нови EV до крајот на 2022 година.