Во срцето на Лос Анџелес, на раскрсницата на булеварот Вилшир и авенијата Ферфакс, Музејот на филмската Академија е најголемиот музеј на подвижни слики во светот, чија изградба се одложуваше со децении поради различни проблеми, а проектот го потпишува студиото на Ренцо Пиано.
Сместен на познатата „Miracle Mile“, музејот ја чувува и вдахнува нов живот на поранешната стоковна куќа „May“, изградена во 1939 година, која денес го носи името Saban Building по нејзините донатори, филантропската двојка Шерил и Хаим Сабан.
НОВА САЛА СО 1.000 МЕСТА
Славејќи ја својата историја и предвидувајќи нови можности, додатоците на зградата кои датираат од 1946 година се отстранети и заменети со сферична зграда во која се наоѓаат театарот David Geffen Theater со 1.000 места за седење и Терасата на семејството Долби со поглед на Холивуд.
Градот на филмот доби и простор во кој се изложени милиони фотографии, стотици илјади филмови и постери, цртежи за изработка на костими, но и реквизити кои се користени во култните филмски продукции, како што се чевлите што ги носеше Дороти Гејл во филмот „Волшебникот од Оз“.
Во музејот на Академијата, која го организира доделувањето на Оскарите, има и предмети кои се користени при креирање на разни филмски остварувања, како што е машината за пишување на Џозеф Стефано на која е напишано сценариото за класикот „Психо“ на Хичкок.
Ревитализираниот кампус има повеќе од 4.645 квадратни метри галериски простор, две кино сали, најсовремени проектни простори, отворен плоштад, тераса на покривот, студио за активно образование, ресторан и продавница.
ИМАГИНАРНО ПАТУВАЊЕ НИЗ ПРОСТОРОТ И ВРЕМЕТО
„Музејот на Академијата ни дава можност да го почитуваме минатото додека создаваме зграда за иднината – всушност, можност за многу иднини. Историската зграда Сабан е прекрасен пример за модерен стил, кој го чува начинот на кој луѓето ја замислувале иднината во 1939 година“, изјави Ренцо Пиано за ArchDaily.
„Новата структура, Sphere Building, има облик кој изгледа како да се подигнува од земјата во вечно, имагинарно патување низ просторот и времето кое минува. Поврзувајќи ги овие две искуства создаваме нешто што само по себе е како филм. Одите од секвенца до секвенца, од изложбени галерии до кино и тераса, при што сè се спојува во едно искуство“, додаде Пијано.