На Светскиот ден на птиците преселници, 13-ти мај, холандската влада во договор со сопствениците на ветерни електрани, операторот на мрежата TenneT и Фондацијата на Северното море, ја запре работата на ветерните турбини во погоните Borssele и Egmond aan Zee во текот на ноќта. Министерот за клима и енергетика на оваа земја истакнал дека тоа е прва иницијатива во светот од ваков вид. „Никаде во светот ветерните електрани на море не се исклучуваат заради заштита на птиците во текот на нивните масовни миграции. Сакаме влијанието на ветерните електрани врз природата да биде што е можно помал, и тоа меѓу другото го постигнуваме со оваа мерка“, додал министерот.
Заштитата на птиците станува се позначајно прашање со експанзијата на ветерните електрани во Северното море. Холандија има план до 2050 година во своите води дa остигне капацитет на офшор електрани од 70GW. Во моментот во една ветерна електрана се спроведува тест со турбини кои имаат по една црна лопатка. Фарбањето на една од трите лопатки со различна боја им овозможува на птиците на време да ги забележат овие објекти и да избегнат судар. Но, ваквите решенија за жал не се применливи ноќе.
Идејата за запирање на работата на ветерните паркови заради заштита на птиците потекнала од еден студент на докторски студии на Универзитетот во Амстердам, кој кон крајот на 2022 година го претстаил својот модел за прогноза на миграцијата на птиците и тоа за два дена однапред. Благодарение на овие модели, операторот на мрежата TenneT има доволно време да се погрижи за стабилноста на високонапонската мрежа. Покрај тоа, временскиот распон од два дена овозможува навреме да се известат сите засегнати страни и да се испланира исклучувањето на турбините. Реализираното исклучување од четири часа била само проба со цел да се види дали сите системи функционираат како што треба. Од есен оваа година, ветерните електрани во Холандија на сите места каде се очекува масовно прелетување на птици, ќе мораат во текот на ноќта да ги намалат брзините на две ротации во минута.