Во Силициумовата долина, на територијата на истражувачкиот парк на NASA, тим од стручњаци меѓу кои и архитектонското студио HOK, ги објави плановите за изградба на деловно – истражувачки комплекс наречен Berkeley Space Center. Овој амбициозен проект, кој опфаќа 130.000 квадратни метри простор за канцеларии и истражувања, ги вклучува Универзитетот на Калифорнија во Беркли, SKS Partners, HOK и студиото за пејсажна архитектура Field Operations. Berkeley Space Center ќе биде сместен на површина во склоп на NASA Ames истражувачкиот центар и ќе има низа ниски згради со стаклени фасади, како и отворен простор. Ќе се наоѓа покрај Федералниот аеродром Moffett Hangar One, некогашен хангар за цепелини од 1930-тите кој сега го поседува Google.
Комплексот ќе биде наменет за истражување и малопродажба, а во почетниот план се наведени и станбени објекти во помал број. Во средишниот дел ќе биде сместена зелена површина која ќе биде шеталиште. Целта на Berkeley Space Center е од самиот почеток да биде проектиран така што ќе поттикнува колаборативно опкружување со критична маса и инфраструктура потребна за ширење на границите на знаењето и технологиите на иднината. Тој ќе поддржува истражувања од областа на аеронаутиката, информатичките технологии и климатологијата.
Авторите истакнуваат дека изградбата на самиот објект е добра прилика за истражување на иновациите. Овде ќе може да се редефинира проектирањето на големи развојни проекти, нивната изградба и управување. Целото подрачје ќе служи како полигон за нови и напредни технологии на градба со ниски емисии на јаглерод. Ова подразбира употреба на соларната енергија и атмосферските води, како и вложување во фиторемедијација на локацијата, процес кој ќе ги „излечи“ подземните води. Аеронаутичките истражувања на оваа локација се вршат уште од 1930-тите години, во склоп на Националниот советодавен одбор за аеронаутика, кој подоцна се интегрира во NASA по нејзиното формирање во 1958 година.