Во рамките на новите технолошко-индустриски развојни зони во Република Македонија, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл (ГЕИНГ), за Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, изработи Инфраструктурни проекти за надвор од зоната и Основни проекти во и надвор од зона за: сообраќајна инфраструктура во зоната, патека за интервенции, сообраќајно поврзување на ТИРЗ Делчево со основната патна мрежа на Р.Македонија, ограда со придружни елементи во зоната, хидротехничка инфраструктура со потребни хидротехнички објекти, електроенергетска и телекомуникациска инфраструктура, улично осветлување, здружено заштитно заземјување и периметарска заштита, дистрибутивен гасовод за природен гас за ТИРЗ Делчево.
Извод од планската документација на ТИРЗ Делчево
Вкупната документација се состои уште од елаборати за заштита од пожари, експлозии и опасни материи во тек на изведба, елаборати за заштита на животната средина како и елаборати за заштита при работа.
Предвидената индустриско-развојна зона се наоѓа во близина на град Делчево лоцирана лево од патот кон селото Габрово, Блатиште, КО Делчево, општина Делчево. Зоната се протега на површина од вкупно 20,8 ha.
Хидротехничката инфраструктура за ТИРЗ Делчево се состои од:
– Водоснабдителен систем за санитарна и ПП вода
– Водоснабдителен систем за техничка вода
– Атмосферска канализациона мрежа
– Фекална канализациона мрежа и
– Систем од ободни канали за заштита од површински атмосферски води кои гравитираат кон локацијата на зоната
Системот за санитарна и ПП вода е предвиден да се снабдува со вода од постоечки водоснабдителен систем Делчево – Габрово кој минува во непосреднa близина на зоната. Системот го сочинуваат приклучок на постоечка линија, пумпна станица за зголемување на притосокот во мрежа, циркулациона мрежа, потисно повратен цевковод од мрежа до резервоар и резервоарски простор од 200 m3. Со техничкото решение предвидени се хидранти за противпожарна заштита, кориснички приклучоци за секоја од парцелите како и објекти за правилно функционирање на системот.
Потребите од техничка вода за зоната ќе се обезбедат од бунарско подрачје кое е во непосредна близина на р. Брегалница. Со потисен цевковод потребните количини од бунарското подрачје ќе се дистрибуираат директно во мрежа. Овие количини зоната ќе ги користи за полевање на зелени површини како и миење на внатрешните сообраќајници. Во фекалната канализациона мрежа ќе се испуштаат санитарните отпадни води и отпадните води од технолошките процеси. Истите претходно пречистени ќе се испуштаат во примарната канализациона мрежа. Со проектната документација се предвидени приклучоци за секоја парцела.
Во атмосферската канализациона мрежа ќе се прифаќаат атмосферските води од коловозот и тротоарите на улиците преку улични сливници и примарна атмосферска канализациона мрежа. Надвор од зоната собирниот колектор за атмосферска канализација поминува низ сепаратор за масла. Фекалните и атмосферските води надвор од зоната пречистени се спојуваат во заеднички колектор кој ги одведува до реципиентот р. Брегалница.
Површинските атмосферски води прифатени со ободните канали преку ретензионен базен и преливна шахта се испуштаат во атмосферската канализациона мрежа.
Подготвиле: Билјана Ѓорѓевиќ, дипл.град.инж.,
Тања Ридова, дипл.град.инж.,
Павле Павловски, дипл.град.инж.,
(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)