Хидротехничари од Македонија имаа стручна посета на брани со придружни објекти и хидроцентрали во Австрија. Членови на Здружението Македонски комитет за големи брани (MACOLD), предводени од претседателот проф. д-р Љупчо Петковски, вработени во градежни компании, хидроенергетски претпријатија, инженеринг фирми и научни институции, кон крајот на минатиот месец, во Австрија посетија дел од големите брани кои ги има оваа земја. Посетата е реализирана во Австрија зашто таа има изградено квалитетна и разновидна водостопанска и хидроенергетска инфраструктура, чие запознавање може да го унапреди искуственото знаење на хидротехничарите од Македонија. Според најновите податоци на ICOLD, во регистарот за големи брани во Светот се евидентирани 59.071 брани, од кои 175 се големи брани во Австрија.
За време на петдневната посета хидротехничарите имаат видено неколку брани.
Бродска преводница на брана HPP YBBS Persenbeug,на река Дунав
Прва на листата била речната хидроцентрала HPP YBBS Persenbeug, Danube со бродска преводница. Станува збор за најстарата централа на Дунав, изградена во 1959 година и реконструирана во 1996 година. Потоа била посетена речната хидроцентрала HPP Lehen, Salzach, лоцирана во самиот град Салзбург. Браната и хидроцентралата се изградени во 2013 година и се карактеризираат со модерна архитектура. На листата на брани кои ги посетиле се и хидросистемот Kaprun каде до горниот базен на пумпно-акумулационата хидроцентрала се стига со жичница. Преградниот профил на акумулацијата Mooserboden е преграден со две брани, Mooser и Drossen, а обезбедена е со заеднички преливен орган. Исто така, посетени биле и двојно закривената тенка лачна брана Kolnbrein, хидроцентралата HPP Malta Oberstufe, деривационата хидроцентрала HPP Malta Hauptstufe, а заврши со посета на речната хидроцентрала HPP Villach, со која е преградена реката Драва. Стручната посета на македонските хидротехничари е завршена со разгледување на ниската бетонска преливна брана со речна хидроцентрала, HPP Lavamund, Drau, деривационата хидроцентрала HPP Koralpe и каменонасипната брана со асфалтна дијафрагма Feistritzbach.
Контролни галерии на браната Mooser
Стручната посета била во целост спроведена според усвоената техничка програма, предложена од претседателот на Австрискиот комитет за големи брани (АTCOLD), Gerald Zenz. Австрија е една од најугледните членки на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD).
Лачно гравитациона брана Mooser