Outpost е хибридна структура, проектирана од архитектонското биро Skylab, која ги спојува рекреативните, трговските и работните средини за да го поттикне и зајакне чувството на заедница во делот во развој на градот Худ Ривер, Орегон, САД. Како дел од новиот главен план на градот, Outpost на крајот ќе стане градба од 5.500 квадратни метри – населба на згради што функционално ќе го поврзат градот со брегот на реката Колумбија. Локалитетот, претходно имал капацитет за третман и преработка на индустриски отпадни води. Во голема мера недоволно се користел брегот, но сега ќе стане нова парадигма за идниот развој во регионот.
Во првата фаза на изградба реализирани се две згради, кои заедно резултираат во комплекс од 2.800 квадратни метри. Функционирајќи како една голема структура, секоја од зградите од 1.400 квадратни метри се порамнети во надворешната обвивка за да формираат нешто што изгледа како еден објект. Зградите, сепак, се меѓусебно одвоени за да се создаде централна, заедничка отворена област. Заедничката површина ги спојува двете згради на секое ниво и обезбедува консолидирана вертикална циркулација (лифтови и скали) и отворени простори (надворешни тераси) кои функционираат како простори за собирање и социјализирање. Оваа централна област има надворешен камин и простран делумно покриен павилјон.
Двете згради се обединети преку заедничка надворешна естетика со мешавина од светло, завршен кедар на приземјето и јагленосано кедрово обложување на горните два ката. Визуелната разлика на фасадата строго ја дефинира геометријата на објектот и ги открива и функционалните поделби во внатрешноста на зградата. Приземјето поддржува лесни индустриски активности – пиварница, дестилерија и простории за производство – со лесен пристап и можност за простори со двојна висина, додека горните катови поддржуваат простори за малопродажба, канцеларии и рекреација. Циркулацијата до горните нивоа е издлабена по должината на рабовите на зградите, обезбедувајќи заштита од временските услови и подобрувајќи го искуството за посетителот. Отворените делови за комуникација на горните нивоа создаваат платформи кои пружаат поглед на брегот, планините Адамс и планината Худ, што ги прави зградите дестинација за посетителите и локалното население.
Архитектите избрале дрво и од економски и од естетски причини. Локално добиени од одржливо менаџирана шума, ламинирани дрвени греди се основа на конструкцијата и се надополнети со ѕидови за исполна и меќукатна конструкција изработени со покривка од ела. Големите прозорци на комплексот се засноваат на традиционалните индустриски пропорции кои ја осветлуваат внатрешноста на зградата со дневна светлина. Прозорците се енергетски ефикасни со едноставни црни алуминиумски рамки. Во ентериерот преовладува топло дрво кое потсетува на слики од раните индустриски згради, плевни и планинарски домови. Дневното осветлување и транспарентноста во зградата се исто така нагласени на приземјето преку застаклените простори со двојна висина кои им овозможуваат на посетителите да гледаат активности од внатрешноста на зградата, пренесувајќи чувство на отвореност. Црните челични огради ја потенцираат индустриската естетика.
Outpost е првиот чекор во повторното поврзување на реката Худ со нејзиниот брег. Првично без јавни простори, брегот на реката сега е рекреативна зона која коегзистира со нови комерцијални и комунални простори. Патеки, почнувајќи од оние во Outpost, на крајот ќе воспостават мрежа од згради кои се меѓусебно поврзани. Outpost е редок објект за мешана употреба со спојување на традиционални индустриски намени со комерцијални простори за мешана употреба. Outpost претставува нов прототип, дрвена конструкција која ги редефинира индустриските комерцијални згради. Место за дружење со топли и одржливи простори кои се проектирани да ги ангажираат луѓето и да го подигнат процесот на делување во општеството.