Дрвената кула под името WoHo, проектирана од страна на фирмата Mad arkitekter, е победник на меѓународното архитектонско натпреварување, со своето решение за изградба на хибридна зграда. Проектот моментално е во фаза на планирање, и доколку се се одвива согласно замислата, реализацијата се очекува за пет години. Оваа повеќекатница ќе биде составена од хибридна конструкција од дрво и бетон, која би требало да достигне височина од 98 метри, па кога ќе биде изградена ќе ја надмине највисоката дрвена кула на светот Mjøstårnet. Станува збор за кула со мешовита намена, така што во неа ќе бидат сместени и станбени и деловни простори. Планирана е за квартот Kreuzberg во Берлин. Во прв план ќе биде ставена природната убавина на дрвото, и во однос на надворешноста и во однос на ентериерот. Фасадата ќе ја карактеризираат големи прозорци во комбинација со зеленило. Покрај главната кула од 29 ката, проектот вклучува и околни пониски згради од истиот материјал и со истата форма. Тие исто така ќе имаат хибридна конструкција и стаклена фасада со додаток на зеленило. WoHo ќе се простира на површина од 18.000m² од која најголем дел ќе зафаќа станбениот простор со одреден број социјални станови. како и флексибилни простории прилагодени на потребите на заедницата. На врвот ќе се наоѓа јавно достапен зелен покрив. Конструкцијата ќе ја сочинуваат бетонско јадро и основа, додека столбовите, гредите, подните плочи и другите елементи ќе бидат изградени од вкрстено ламелирано дрво – CLT. Трошоците за изграба се проценети на околу 90 милиони евра.