Во мај 2012 година, градежната компанија Kier го отвори објектот за новото училиште со големина од 10.500 м2, проект со три ката на кое работеше 16 месеци и кое се наоѓа во Норвич, Обиденетото Кралство. Градската академија Норвич, претходно средно училиште Earlham, е проектирана и изградена по сите највисоки стандарди.
Во Академијата се сместени пет училишта – Откривање, Лидерство, Креативност, Вредности и Пионери (Discovery, Leadership, Creativity, Values, Pioneers). Секое од овие училишта образува млади надежни ученици, кои треба да се развиваат во лидери кои ќе го придвижуваат општеството во блиска иднина. Во Академијата се запишани 1100 ученици на возраст од 11 до 19 години.
Архитектонски најистакнатиот дел од новото училиште е секако големиот атриум во задниот дел, кој има поглед во прекрасната шума во непосредна близина. Атриумот е целосно осветлен со природна светлина од високите прозорци кои се протегаат по целата висина на објектот. Најзабележливи се закривените коридори кои водат до училниците до првиот и вториот кат. Овие коридори конструктивно се поддржани од разгранети масивни дрвени носачи кои имаат форма на дрво.
Во идејното решение архитектот Шепард Робсон, како главни атрибути на објектот ги издвојува: флексибилен простор за седење, одлична термичка изолација, природна дневна светлина во секој дел од објектот и овозможен пристап со помагала за инвалидизирани лица.
Конструктивно објектот е проектиран како хибрид од дрвни и челични конструктивни елементи кои се надополнуваат. Еколошките и естетските карактеристики на дрвото го надополнуваат челикот, кој пак со својата јакост може да овозможи долги распони. Дрвото, исто така, значително ја намалува вкупната тежина на објектот.
Конструктивниот дел од објектот е издигнат за 17 недели, благодарение на одлично планирање и висок степен на префабрикување на конструктивните елементи. Сите сервисни и инсталациони отвори се направени во фабрика, како за дрвото така и за челикот, со што се намалува времетраењето на монтажа на самата локација и се зголемува квалитетот на изработените отвори.
Градската академија Норвич доби пофалба за акустичните својства на големиот атриум од Асоцијацијата на звучни инженери на Архитектонските награди за акустичност (Awards for Architectural Acoustics), настан кој се организира секоја година. Асоцијацијата ги предочи техничките и проектантските предизвици на амбициозниот проект и упати пофалница за консултантскиот тим на WSP Group, одговорни за делот на акустиката. Покрај високите акустични својства, објектот е проектиран и по највисоките стандарди за енергетска ефикасност со што го постигнува стандардот за пасивни објекти.
Повеќенаменскиот простор се употребува за многу различни настани, училишни или настани организирани од други страни. Настаните се од различна природа, од детски квизови и најразлични училишни активности до музички перформанси, конференции и друго. Секое од спомнатите пет училишта има свој посебен дел. Секој од овие делови е соодветно проектиран и изработен за научната програма која се предава во училиштето.
Дворот на објектот е проектиран да има мало езерце, соодветни места за настава во природа и паркинг за 120 возила.