Насловна / Архитектура / Хероини: Првенките на инженерството и архитектурата во Македонија

Хероини: Првенките на инженерството и архитектурата во Македонија

На 19-ти март 2023 година ќе се одбележи 112-та годишница од првиот Меѓународен ден на жената (недела 19-ти март 1911 година) одбележан од над еден милион лица во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. Одбележувањето на овој ден било резултат на иницијативата покрената на Меѓународната конференција на социјалистичките жени одржана во август 1910 година во Копенхаген.

Сè некаде до 1967 година одбележувањето на Меѓународниот ден на жената се сметало како „комунистички“ празник кој со подемот на феминизмот почнал да се промовира и во другите земји за од 1975 година, да се одбележува и од страна на Обединетите нации. Во 1977 година Генералното собрание на Обединетите нации ги поканило земјите членки да го прогласат 8 Март за официјален празник на Обединетите нации за правата на жените и за мир во светот.

Frauentag_1914_Heraus_mit_dem_Frauenwahlrecht

Макотрпниот и долгиот пат низ кои поминале и сè уште минуваат генерации жени низ светот за да се изборат барем за некои од своите основни права и еднаквост не би бил можен без оние коишто покажале доволно храброст и упорност во своите обиди да ги надминат постојните состојби и предрасуди и не само да се изборат за своите права туку и за да покажат дека тие можат барем еднакво, ако не и подобро да бидат успешни во своето образование и избраната кариера.

Континуираното истражување на првенките и првенците во инженерството и архитектурата полека ги откриваат веројатно подзаборавените факти за нивниот живот и дело и ни овозможуваат да ги согледаме темелите на нашето професионално минато. Како и во секое археолошко истражуавње, се оди од највисоките и временски најблиските слоеви кон оние подлабоките и подалечните, така што првенките и првенците денес, утре веќе може да припаѓаат на некоја подоцнежна генерација.

Резултатите на досегашните истражувања за првенките во инженерството и архитектурата родени на почвата на денешна Северна Македонија укажуваат на барем три пионерки кои дипломирале пред почетокот на Втората светска војна.

Инженер Сабиха Ѓурајман (Sabiha Gürayman)

1933_04_14_Sabiha_Rifat_Gurayman

Сабиха Ѓурајман 

Инженер Сабиха Ѓурајман веројатно се јавува како двоен првенец, како прва жена инженер родена на почвата на денешна Северна Македонија и како прва жена градежен инженер во Турција. Таа била родена во 1910 година во Битола, тогаш Монастир, во времето на Отоманската Империја како Сабина Рифат Ечебиле (Sabiha Rifat Ecebilge). Турбулентниот период на Балканските војни веројатно ја донеле во Истанбул каде во 1927 година таа го завршила Истанбулското високо женско училиште (лицеј), првото државно женско училиште во Отоманската Империја.  Истата, 1927 година, таа го продолжила своето образование како прва жена студент на Високата инженерска школа во Истанбул, денес Истанбулскиот технички универзитет, каде и дипломирала во 1933 година.  Во 1939 година таа се омажила за својот колега, инженер Ремзи Ѓурајман.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Истанбулското високо женско училиште (лицеј)

Се чини дека нејзината амбиција да биде првенец не завршила само со запишувањето на факултет. Таа како студентка станала и првата жена одбојкарка во Турција позната под својот прекар „летечки прсти“, а во 1928 или 1929 година била и капитен на женскиот одбојкарски тим „Ференбахче“.

Својата плодна професионална кариера ја започнала во Дирекцијата за јавни работи во Анкара пред да премине во Министерството за јавни работи, а во периодот од 1933 до 1934 гоина се јавува како проектант на две средни училишта во Анкара. Била вклучена во изградбата на државни објекти вклучително со Аниткабир, Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, и на Големото национално собрание на Турција, обете во Анкара.

Milliyet_1929M0222_FB_Voleybol_Sabiha_Rifat_Ecebilge_Gurayman_

Во 1941 година таа станува раководител на Бирото за координација и раководител за контрола на изградбата на Големото национално собрание на Турција, а од 1945 ја презела и улогата на инженер за надзор на изградбата на Аниткабир, на која положба останала во текот на наредните десет години и тоа сè до завршувањето на изградбата на објектот. Се вели дека нејзината водечка улога на овој проект предизвикала интерес во светот и реакции како онаа на грчкиот премиер Софоклис Венизелос кој коментирал дека „По прв пат во мојот живот, јас гледам жена одговорна за толку значајни работи.  Ви честитам.“

Три децении по своето дипломирање таа се пензионирала во 1963-та година, а по смртта на сопругот во 1993 година се преселила од Истанбул во Измир каде и починала на 4-ти јануари 2003 година.

Sabiha_Gürayman

Сабиха Ѓурајман 

За разлика од релативно достапните, барем основни, информации за првата жена инженер, многу помалку се знае за првите две жени архитекти родени на почвата на денешна Северна Македонија.

Архитект Јованка Ѓ. Наумовиќ

Архитект Јованка Наумовиќ веројатно е првата жена архитект родена на почвата на денешна Северна Македонија на 6-ти јануари 1911 година во с. Букојчани во  времето на Отоманската Империја. Ова село се наоѓа околу 14 километри северно од Кичево во подножјето на планината Буковик во регионот Горно Кичево, кое припаѓа под Општината Кичево. Според расположливите информации во 1905 година во селото живееле 240, а во 2021 само 25 жители. Според истражувањето на Томо Смиљаниќ – Брадина од 1926 година се смета дека имало шест староседелски родови во селото, меѓу кои и Наумовци, така што може да се претпостави дека архитект Јованка Ѓ. Наумовиќ потекнува од овој род.

бк

Се знае дека таа дипломирала во октомври 1934 година на Техничкиот факултет при Универзитетот во Белград, и се вели дека се омажила за г-динот Чолаковиќ. За жал досега не е дојдено до дополнителни информации за нејзиниот живот и дело, доколку работела во струката по дипломирањето.

Нешто малку повеќе се знае, веројатно, за втората жена архитект родена на почвата на денешна Северна Македонија, т.е. првата жена архитект по потекло од Скопје.

Архитект Ратислава (Гута) Ч. Вехоска

Архитект Ратислава Ч. Вехоска се јавува веројатно како втора жена архитект родена на територијата на денешна Северна Македонија и прва жена архитект по потекло од Скопје, каде била родена на 18-ти август 1914 година.  Во октомври 1938 година и таа дипломирала на Техничкиот факултет при Универзитетот во Белград. За неа се знае дека се омажила со г-динот Маџаревиќ, како и дека веројатно барем дел од својот живот по дипломирањето го поминала во струката во Србија.

Досегашните истражувања укажуваат дека, веројатно таа, како архитект Ратислава Маџеревиќ, се јавува во 1946 година како дописник за печат на Министерството за градежништво на Србија, а дваесет години подоцна, во 1966 година веројатно и како раководител на Ателјето за техничка заштита на спомениците на културата при Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Белград.

Веројатно е интересно дека сите овие три првенки се родени во периодот на политички и социоекономски превривања, пропратени со постепена стагнација на Отоманската и на Австроунгарската Империја, која на крајот довела до нивно распаѓање и формирање на поголем број на помали држави, како и тоа дека сите го започнале и завршиле своето универзитетско образование во овие нови средини главно создадени по Првата светска војна, факт којшто веројатно придонел тие да можат да дипломираат во триесеттите години на минатиот век.

zaharina

Захарина Велова 

Гледано пошироко, тие веројатно може да се сметаат како втората генерација првенки – професионални жени по онаа, засега веројатно првата, искажана преку нешто попознатите Захарина Велова (мажена, Димитрова) и Рајна Алексова. Д-р Захарина Велова била родена на 26-ти ноември 1873 година во Ресен и дипломирала на Медицинскиот факултет во Нанси, Франција, во 1901 година, додека Рајна Алексова била родена на 25-ти декември 1882 година во Битола и дипломирала на Факултетот за фармација во Лозана, Швајцарија, во 1906 година. Д-р Велова се смета за прва жена лекар, а Алексова за прва жена фармацевт родени на почвата на денешна Северна Македонија. Дополнително, Рајна Алексова се смета и за прва жена фармацевт на Балканот.

Rajna

Рајна Алексова

За разлика од втората генерација првенки (прва генерација првенки во инженерството и архитектурата) кои се образовале и делувале во новооснованите земји по Првата светска војна, се чини дека искушенијата на д-р Захарина Велова и на Рајна Алексова биле значително поголеми со оглед дека тие по дипломирањето не можеле да работат во својата струка во рамките на Отоманското Царство, заради постоечките ограничувања за тоа што жена може да работи. Како резултат на ова обете морале да заминат во странство за да ја практикуваат својата струка. За разлика од д-р Велова која заминала во Бугарија и останала таму до крајот на својот живот, Рајна Алексова работела во Бугарија само одреден временски период сè додека со поддршка на отомански великодостојник не успеала да добие специјално одобрение од Портата за да може да работи во струката, по што се вработила како фармацевт во аптеката на брат ѝ која се наоѓала на Широк Сокак во Битола.

Одбележувајќи ги овие првенки во професиите родени на почвата на денешна Северна Македонија, честит 8 Март, Меѓународниот ден на жената, со молба до читателите на Порта 3 доколку имаат информации било за споменатите, или пак за други, уште помалку познати првенки или првенци истите да ги споделат за да можеме подобро да го осознаеме нашето минато.

Испрати коментар

Scroll To Top