Во организација на Амбасадата на Република Словенија во Скопје, на 27 јуни во Македонската опера и балет ќе се отвори изложбата „Херои за еден ден, навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“. Отворањето е закажано во 20 часот.
Изложбата ги претставува достигнувањата на тројца словенечки автори/бироа, чии дела во Скопје станаа клучни обележја, дефинирајќи „градови во градот“: Македонската опера и балет од Биро71, изградена во периодот 1972 – 1982 година, потоа УКИМ – Универзитет Свети Кирил и Методиј на Марко Мушич, изграден 1970 – 1974 година, и ПМФ – Природо-Математичкиот факултет на Едвард Равникар, изграден во периодот 1949 – 1951 година.
Изложбата е дел од прославата на словенечкиот национален ден и 25-годишнината од независноста на Република Словенија, а настанот е во рамките на Скопско лето.
Иницијатори и креативни директори на изложбата и на публикацијата се архитект Даниел Серафимовски и уметницата Нада Прља.