Насловна / Архитектура / „Херцог и Де Мурон“ отвори ново поглавје за „Тејт модерн“ во Лондон

„Херцог и Де Мурон“ отвори ново поглавје за „Тејт модерн“ во Лондон

Шеснаесет години по отворањето на галеријата „Тејт модерн“ во Лондон во мај 2000 година, годинава во јуни таа одбележа уште едно отворање. Овој пат беше отворена најновата доградба на галеријата, испроектирана од меѓународно признатото архитектонско биро „Херцог и Де Мурон“ (Herzog & de Meuron) од Базел, Швајцарија, кое беше и авторот на првиот проект за галеријата по добиениот меѓународен архитектонски конкурс во 1995 година.tejt-modern-london-nov-objekt_01

Најновата доградба на оваа галерија е одраз на нејзиниот успех во изминатиот период, со оглед на тоа што постојниот објект на галеријата испроектиран за капацитет од два милиони посетители годишно, веќе не може да ги задоволи потребите на сегашните пет милиони. Дополнително, сегашните изложбени простори во рамките на галеријата не ги задоволуваат потребите за презентација на модерните форми на уметничко изразување во доменот на уметничките колекции за филм, видео, фотографија и перформанс.tejt-modern-london-nov-objekt_08

Сегашната галерија „Тејт модерн“ е сместена во реконструираниот објект на Bankside Power Station во Лондон, на брегот на реката Темза. Оргиналниот објект на електричната централа од 50-тите години, бил испроектиран од познатиот британски архитект Сер Џајлс Гилберт Скот (Sir Giles Gilbert Scott), кој исто така е познат по дизајнот за британските улични црвени телефонски кабини. Во својот оргинален концепт, архитектите Жак Херцог и Пјер де Мурон го фокусирале своето внимание врз реконструкција и пренамена на централата во галерија, во рамките на просторот во кој биле сместени турбините и придружните соседни простори, но не ги опфатиле напуштените резервоари за нафта и преклопната станица во употреба, сместени на јужната страна од објектот на електричната централа. tejt-modern-london-nov-objekt_09

Токму овие два простори станале предмет на најновата доградба на галеријата. Притоа, значително влијание одиграл технолошкиот развој кој овозможил оперативната преклопна станица, која сè уште поврзува делови на Лондон со националната мрежа за електрична енергија, да биде сместена во помал простор, за во преостанатиот дел да може да се реализира доградбата на галеријата.tejt-modern-london-nov-objekt_05

За разлика од познатата оригнална реконструкција и пренамена на објектот во галерија која предоминантно се фокусирала на внатрешните простори на постојниот објект, новата доградба е одраз на умешна скулптурална надградба и обликување на надворешен волумен. Притоа, напуштените резервоари за нафта послужиле како темели од кои ќе се издигне 64,5 метри високата десеткатна нова доградба на објектот со пирамидална форма, при што некои од површините на пирамидалниот волумен се изместени. Новата доградба визуелно се надоврзува, но без да го потцени 99 метри високиот постоечки оџак на електричната централа на Сер Гилберт Скот, кој од 50-тите години претставува значаен и препознатлив репер во силуетата на крајбрежното подрачје на реката Темза во Лондон.tejt-modern-london-nov-objekt_06

Новата доградба, исто така, се надоврзува со постојниот објект и преку примена на материјалот за завршна обработка на фасадата – тулата. Архитектите ја имаат применето тулата преку радикално нов пристап базиран на чипка, каде преку изработка на перфорирана фасада од тула, овозможено е внатрешното осветлување на објектот да се манифестира на неговата фасадата, со особен ефект во текот на вечерните часови кога ова осветлување избива низ фасадата и му дава специјално присуство на објектот.

Наспроти ова, внатрешниот простор е изработен од природен бетон „превиткан“ со драматични агли кои ќе создадат исклучителни внатрешни простори во кои ќе се доживее уметноста. Внатрешниот простор дополнително е збогатен со „церемонијалниот булевар“, кој се протега вертикално низ објектот како своедвидно сврдло со широките скали и малите одморишта и проширувања за одмор и приватни состаноци.

За архитектот Жак Херцог, формата на објектот е нешто помеѓу многу рационално и многу ирационално, со форма на пирамида, а што не е само резултат на парцелата, но и на аглите што ќе ги водат посетителите кон галериите. Со новата доградба на галеријата „Тејт модерн“, ќе се создадат дополнителни простори за задоволување на потребите на пет милиони годишни посетители.tejt-modern-london-nov-objekt_07

Во рамките на доградбата, создадени се нови изложбени простори за уметничките колекции, уметнички перформанс и инсталации, како и образовни простори кои ќе овозможат подлабоко доживување на уметноста. Истовремено се создадени и дополнителни социјални простори за одмор и релаксација, кои се сконцентрирани на најгорните три нивоа на објектот. Најмногу се истакнува највисокиот кат со терасата достапна за публиката и со спектакуларен поглед кон реката Темза и опкружувањето на објектот, додека под овој кат е лоциран ресторан за посетителите. Во рамките на доградбата, сместена е и новата клупска соба за членовите на „Тејт“, чиишто број постојано се зголемува, со простор кој е поделен во повеќе помирни и поактивни зони, вклучително со простори за јадење кои исто така се збогатени со добри панорамски визури од опкружувањето на објектот.tejt-modern-london-nov-objekt_02

Во рамките на проектот е направено и збогатување на партерните содржини преку новата патека која поминува низ објектот, а го поврзува деловниот дел на Лондон (City) со Southwark. Од двете пејзажно обработени површини на двете страни од објектот се очекува дека ќе прераснат во спокојни простори за посетителите, надополнети со елегантен плоштад со кафетерија и книжарница, а на кои од западната страна ќе се надоврзе зелена оаза со дрвја. Озеленетите површини на источната страна се наменети за користење од локалната зедница, додека делот со поглед на реката е резервиран за одржување на поголеми манифестации на отворено.tejt-modern-london-nov-objekt_11

Според галеријата „Тејт модерн“, новата доградба претставува маркантна комбинација на груби индустриски простори и префинета архитектура на 21 век.

Се чини дека оргиналната соработка помеѓу клиентот и архитектите резултирала во објект кој ги надминал очекувањата, но ги има промовирано и архитектите во глобална смисла. Преку реализација на доградбата на „Тејт модерн“, во соработка со оргиналните учесници во проектот, создадени се добар дел од предусловите за континуиран успех и подем на глаеријата, не само како центар за промовирање на модерната уметност, но и како уште еден исклучителен објект за истражување на современата архитектура, каде архитектите со респект го третирале оригиналниот објект од Сер Гилберт Скот, но истовремено го збогатиле со доградба која е одраз на 21 век, со што оставиле трајно обележје за културното наследство на овој дел од Лондон.

 

Испрати коментар

Scroll To Top