Археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис во Битола е прогласен за културно наследство од големо значење. Одлуката е донесена на последната седница на Владата на Македонија. Со оваа одлука за Споменичката целина „Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис” се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација, согласно со Законот за заштита на културното наследство.
Со прогласување на Споменичката целина за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, се овозможува трајно зачувување на Споменичката целина во изворна состојба, создавање на поволни услови за опстанок на Споменичката целина и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво, ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Споменичката целина и за неговата улога во културната идентификација, оспособување на Споменичката целина според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.
Споменичката целина претставува сведоштво со релевантно значење за археологијата и воопшто културата од античкиот период.