Стапките на дебелина се зголемуваат ширум светот и се речиси тројно зголемени од 1975 година. Иако одамна е утврдено штетното влијание на прекумерните количини шеќер врз човечкото тело, трендот е многу сложен и предизвикан од нездравата исхрана и седечкиот начин на живот, а благодарение на научните истражувања имаме сознанија за штетното влијание на пластиката врз здравјето на луѓето. Научниците од Норвешкиот универзитет за наука и технологија (NTNU) го истражуваа влијанието на хемикалиите во пластиката и нивната поврзаност со овој јавно здравствен проблем, а резултатите од нивното истражување неодамна беа објавени во списанието Environmental Science & Technology.
Голем број алармантни студии во последниве години ги покажаа начините на кои пластиката може да влезе во синџирот на исхрана, а со тоа и во човечкото тело. Микропластиката е откриена во примероците на човечка столица што ја потврдува опасноста од ширење на овие ситни честички во синџирот на исхрана.
Понатаму, истражувањата почнаа да ги расветлуваат начините на кои тоа може да влијае на нашето здравје. Тие вклучуваат студии кои потврдуваат дека микропластиката може да го промени обликот на човечките белодробни клетки и да навлезе во крвно-мозочната бариера кај глувците, како и други студии кои ги поврзуваат хемикалиите содржани во пластиката со висок холестерол, срцеви заболувања и оштетување на мозочните клетки. Во меѓувреме, истражувањата покажаа дека дури 93 отсто од пакуваната вода содржи пластични честички.
Покрај се поголемиот број на студии кои ги потврдуваат штетните ефекти на пластиката врз здравјето на луѓето, сега ги имаме резултатите од најновата анализа на хемиските компоненти во пластичните производи во секојдневна употреба. Тим норвешки научници од NTNU испитувале 34 типични пластични производи, како што се чаши за јогурт, кујнски сунѓери и шишиња за пиење и откриле повеќе од 55 илјади хемиски компоненти, од кои 629 биле идентификувани.
Интересно е тоа што за време на една студија на глувци, научниците откриле дека една третина од хемикалиите во овие производи предизвикуваат развој и размножување на масните клетки, од кои веќе е познато дека многу повеќе од 11 предизвикуваат такви ефекти. Ова укажува на фактот дека има и други хемикалии во пластиката кои имаат способност да го преобликуваат начинот на кој нашето тело складира масти.
“Многу е веројатно овие метаболички нарушувања да не се предизвикани од вообичаени соединенија, како што е бисфенол А (БПА)“, вели првиот автор на студијата Јоханес Волкер и додава дека ова значи дека хемикалиите содржани во пластичните производи, освен оние што веќе ги знаеме, можат да придонесат за прекумерна тежина и дебелина.