Турбините на хидроцентралата „Шпилје“ кај Дебар во првите пет месеци од годинава произвеле 69 милиони киловат-часови електрична енергија благодарение на поволната хидрологија, посебно во месеците април и мај и на подготвеноста на електромашинската опрема да ја прими и да ја преработи целата вода.
– Ако до крајот на март поради сушна зима имавме релативно низок водостој, под 50 отсто исполнета акумулација, дождовите во април и во мај поволно влијаеја врз зголемувањето на дотеците и значително ја подобрија хидролошката состојба. Водостојот е на одлично ниво за овој период од годината и гарантира стабилно производство во текот на летниот и есенскиот период – велат од ХЕЦ „Шпилје“.
Моментно акумулацијата Дебарско Езеро е исполнета околу 91 отсто и има резерва на вода за производство на над 36 милиони киловат-часови. Нивото на акумулацијата изнесува 570 метри, односно два метра под максималната кота, но присутен е тренд на опаѓање на водостојот поради намалување на дотеците. Електраната е во солидна состојба и произведува во согласност со потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија. Солидната резерва гарантира уште една добра производна година во овој значаен електроенергетски објект.
Поради исклучително поволната хидрологија на дебарското сливно подрачје, кое ги опфаќа реките Радика и Црн Дрим, лани во ХЕЦ „Шпилје“ беа произведени 395 милиони киловат-часови електрична енергија, што беше за 57 отсто повеќе од годишниот план. Во четириесет и петгодишното постоење на електраната, историски рекордно производство е забележано во 2010 година кога како резултат на извонредно поволната хидрологија, што, според стручните лица, се случува еднаш на 100 години, но и на високиот степен на подготвеноста на електромашинската опрема, беа произведени над 560 милиони киловат-часови електрична енергија.