Американската компанија „Харли Дејвидсон“ е казнета во САД со 12 милиони долари, откако беше обвинета дека нејзините мотоцикли го загадуваат воздухот над законски дозволениот максимум. Казната следува откако Американската агенција за заштита на животната средина (EPA – Environmental Protection Agency) ја тужеше компанијата „Харли Дејвидсон“ за прекршување на одредбите на Законот за чист воздух. Исто така, со одлука на Министерството за правда на САД, на овој производител на култните мотоцикли, му е забрането во иднина да ја продава дополнителната опрема со која се зголемува моќноста на мотоциклите, но и емисијата на штетните гасови.
Компанијата е задоволна од спогодбата што ја направи со Министерството за правда за висината на казната, иако ќе мора дополнително да плати уште три милиони долари за реализација на некој локален еколошки проект.
EPA, која има огромен углед и води бескомпромисна борба со загадувачите во САД, во последниот период уште повеќе ја засили контролата врз компаниите-потенцијални загадувачи. Откривањето на скандалот со автомобилите на германската компанија „Фолксваген“ највеќе придонесе за интензивирање на активностите на EPA.