Главниот град на провинцијата Џеџанг, Хангџоу, познат по својот високо квалитет на живот, забрзано станува и високотехнолошки центар, а овој објект е во склад со неговиот иден изглед.
Неодамна започна изградбата на објектот со мешана намена Xinhu Hangzhou Prism, кој ќе биде срцето на новата технолошка градска четврт. Овој проект е дополнителен чекор во натпреварот на овој кинески град со Пекинг и Шангај, со цел да привлече што поголем број млади експерти од областа на економијата и техниката.
Магнетот за привлекување млади вообличен е во објектот кој го потпишува прочуеното архитектонско биро ОМА. Нивниот проект претставува модерна и атрактивна градба складно укомпонирана со околното природно опкружување, додека нејзината скалеста структура овозможува панорамски поглед на градот.
Објектот со површина од 50.000 квадратни метри ќе содржи хотел, трговски прстори и атриумска градина. Овој централен дел на објектот ќе биде од јавен карактер, па така посетителите ќе можат да уживаат во пријатно уредена градина.
Формата на призма на објектот оддава почест на древната изрека „Рајот е најгоре, а Хангџоу веднаш под“.
И архитипски и модерен објект
„Проектот овозможува флексибилен развој и широк репертоар на отворени заеднички простори, задржувајќи силен визуелен идентитет кој воедно е и архитипски и модерен“, вели архитектот Chris van Duijn, од бирото OMA.
Проектот го раководат Chris van Duijn и Michalis Hadjistyllis, а се очекува да биде завршен до 2020 година.