--> -->
-->
Насловна / Архитектура / Хангар за цепелини со големина на фудбалско игралиште направен од 557 тони дрво

Хангар за цепелини со големина на фудбалско игралиште направен од 557 тони дрво

Изградба на хангар за цепелин е сложена работа сама по себе, а доколку проектирањето на хангарот е во согласност со принципите на одржливост, на процесот се наметнува дополнителен слој на комплексност. Така, овој хангар не само што ќе биде дом на воздушниот брод „Тео“ и други идни цепелини, туку и мултифункционална сала за настани со капацитет до 1.500 луѓе.

Целите на одржливост се јасно дефинирани од самиот почеток, со обврска за користење обновливи и рециклирани материјали. Како резултат на тоа, проектот на локалното биро Smyk Fischer Architekten доби златна сертификација DGNB, најважниот печат за одржливост на зградите во Германија.

Апстрактно архитектонско дело

Поранешните хангари на воздушни бродови долго време беа препознатливи знаменитости и клучен дел од историјата на Милхајм на Рур. Новиот хангар со површина од 3.784 квадратни метри, директно го отсликува карактеристичниот облик на неговите претходници, но со додавање на модерни елементи.

Надворешното обликување е изведено со целосно рециклабилна алуминиумска фасада, додека фините вертикални линии на фасадата создаваат различни игри на светлина и сенка во текот на денот. Може да се каже дека функцијата и естетиката се спојуваат во скулптурално, речиси апстрактно архитектонско дело.

Хомогената форма на објектот се прекинува со низа прозорци на западната страна, каде што овој стаклен додаток пружа чувство на леснотија и транспарентност, додека во исто време пружа широки погледи на аеродромот и кулата.

Топлата дрвена конструкција, која е применета во внатрешноста на хангарот, е во контраст со студениот надворешен изглед, дополнително нагласувајќи ја пријатната атмосфера на внатрешноста. Целосно затворената источна страна на хангарот доаѓа до израз кога ќе се отворат вратите.

Масивните врати, каде секое крило тежи 72 тони, се лизгаат како театарска завеса, создавајќи импозантен ансамбл кога се отворени. Четири мотори од 60 kW обезбедуваат вртежен момент за поместување на вратите за само три минути, создавајќи драматична рамка за пристигнување или заминување на воздушниот брод.

Големина на фудбалски терен

Големината на хангарот е споредлива со фудбалски терен, со оглед на тоа што димензиите на основата се 90 на 42 метри. Највисоката точка на хангарот достигнува висина од 26 метри, а неговиот бруто волумен е 71.000 кубни метри. Но, освен со импозантните димензии, хангарот може да се пофали и со применети технички и структурални иновации, истакнуваат германските архитекти.

Дрвото е користено како примарен материјал за изработка на конструкцијата и врските, а структурата се состои од 557 тони дрво од германските шуми. Панелите се направени од ламинирани фурнирани дрвени плочи кои се поврзани со дрвени клинови. Кровната конструкција е изработена од големи панели од ламинирано дрво и служи како конструктивно зајакнување, а пружа и звучна и топлинска изолација.

Темелите на оригиналната конструкција се сомелени и рециклирани на лице место за да послужат како основа за новиот под на хангарот. Новиот, изложен под е направен од рециклирани бетонски плочи од блиското градилиште, со што се минимизирале емисиите за време на транспортот. Со внимателен избор на материјали и повторна употреба, заштедени се 156 тони CO2.

Може да се заклучи дека проектот на новиот хангар во Милхајм на Рур беспрекорно ги комбинира инженерството, архитектурата и одржливоста и претставува спој на иновации и еколошка одговорност, поставувајќи ги стандардите за овој германски регион.

Испрати коментар

Scroll To Top