При посета на Париз едно место што мора да се види на парискиот уметнички аџилак е Halle Saint Pierre.
Halle Saint Pierre е малку тешко да се опише, најмногу затоа што различни простори се испреплетуваат на едно место. Тоа е воедно и музеј, односно галерија, книжарница и кафуле.
Во оваа хала, бидејќи тоа буквално е, сместен е Musée d’Art Naïf – Max Fourny, т.е. Музејот на наивна уметност, понекогаш наречен и Musée d’Art Brut & Art Singulier – во превод Музеј на примитивна и сингуларна уметност. Иако не е меѓу најбогатите или најимпресивните музеи во овој град, секако дека придонесува за бројноста на овие институции, поради што Париз и понатаму е важен центар на уметноста, и покрај развојот на конкурентски градови во овој домен, како што е Њујорк.
Монмартр е веројатно едно од најпознатите имиња во Париз. Засолниште на многу уметници и филозофи кои живееле, работеле и се опивале во француската престолнина, Монмартр токму од овие причини има репутација на боемска четврт. Со оглед на тоа што Париз внимателно ги чувува своите историските локалитети, така и овој дел на градот го задржал изгледот на претходните епохи, па постои голема веројатност во одреден момент да стапнете на истиот камен од калдрмата на кој стапнал Пикасо. Очекувано, Halle Saint Pierre се наоѓа токму на падините на овој париски рид.
Halle Saint Pierre, со уште по некои други париски хали, спаѓа во групата монументи во т.н. Baltard стил. Францускиот архитект Victor Baltard, заедно со Georges-Eugène Haussmann, бил задолжен за еден вид визуелно ребрендирање на Париз што се случило во 19. век. Baltard потпишува неколку градби кои главно се карактеризираат со големи стаклени прозорци и челична конструкција. Благодарение на него изграден е и најпознатиот пазар на отворено во Париз, Les Halles, во еден момент наречен и новото срце на градот.
Кога станува збор за нашата хала, таа е проектирана од ученикот на Baltard, верно придржувајќи се до техниката на својот ментор.
Во Halle Saint Pierre можете да пиете кафе додека гледате во купишта книги кои речиси стигнуваат до таванот. Колекцијата е разновидна, со изданија и на други јазици освен француски. Просторот речиси целосно е посветен на уметноста – нејзиното создавање или теоретизирање. Во галеријата редовно се менуваат изложби на млади, современи уметници, со цел да се промовираат неафирмираните таленти на француската, но и на светската уметничка сцена.