Зошто ГТЦ треба да се спаси? Архитектурата е одраз на општествениот момент. Во однос на сето она што му се случуваше и му се случува на Скопје во архитектурата и урбанизмот, ние гледавме и се чудевме, а знаевме сè. Дебатиравме – да, апелиравме – да, декларативно ја заземавме правата страна – да, знаеме кој тоа го нарача – да, знаеме кој го проектираше – да, знаеме кој се согласи – да, знаеме кој е во комисија, кој составува проектни програми, кој дава дозволи, кој го прави урбанизмот – да. Сите се архитекти, професори, вработени во државна администрација, факултет или приватни бироа кои имаат работа (за разлика од останатите).
Ние не успеавме затоа што не се познававме себе доволно или живееме во заблуда дека сме подобри. Тие нè препознаа подобро од самите нас. И додека ние затечени, дебатирајќи и чудејќи се гледавме како ни го одземаат градот, јавниот простор, архитектурата, културното наследство, идентитетот, достоинството, професијата, монструмот се роди и порасна. Тие нè потценија, а ние се преценивме.
Е сега ни остана само ГТЦ. Единствена и последна шанса да се спасиме себе. Или бар да ни биде полесно на совеста дека нешто, малку, направивме. Мораме да успееме. Но за да успееме треба да престанеме да си фрламе прашина во очи. Сите архитекти сакаат да бидат проектанти, малкумина умеат да го остварат тоа. Треба чесно да ги вреднуваме вистинските проектанти и вистинските архитекти. Треба помалку да зборуваме, дебатираме, објаснуваме, раскажуваме, а повеќе да проектираме, да реализираме. Очајно ни требаат инженеришта.
Не успеавме затоа што сме послаби, недоволно храбри, недоволно чесни, затоа што не излеговме од рововите на комодитет, неспремни да ги изгубиме и трошките што ги фрлаат, затоа што се исплашивме. Од што? Па секој знае со што можел да биде уценет, а неспремен да го изгуби она малку што му го даваат. Затоа што повторно ги оставивме студентите сами, да предаваат за ГТЦ без професорите. Чекавме место нас некој да ја извојува нашата битка. Се погледнувавме меѓу себе и со прст покажувавме, ај ти. Затоа што толку нè бива.
Во ваква поставеност на работите се истакнува оној што е најбезобразен, фрустриран, најмалку самокритичен, најспремен на компромис, недоволно квалитетен, а длабоко во себе свесен за тоа. Јасно му е дека друга ваква шанса тешко ќе добие. Само во овие услови може да глуми проектант, урбанист, да биде професор, аналитичар, началник, член на комисија, автор. Ако не успееме да го спасиме ГТЦ, ќе значи дека го заслуживме она што ни се случи. Ако успееме, мора да внимаваме да не упаднеме во сопствената замка и да помислиме дека којзнае што сме направиле, и да ги бараме заслужните и да делиме заслуги. Ако го спасиме, само ќе пратиме порака дека тие после нас треба да добијат шанса и да видат јасно каде ние згрешивме. Ние не успеавме да го спроведеме она во што веруваме, не знаевме како, се изгубивме некаде по пат. Но ГТЦ ќе го спасиме, за инает.
Претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија
Сања Раѓеновиќ Јовановиќ