Насловна / Арт и дизајн / Групна акција „Нека светлината од уметниците се одрази врз целата заедница“

Групна акција „Нека светлината од уметниците се одрази врз целата заедница“

Во 2011 година, светски познатиот француски уметник JR го започнува проектот Inside Out како партиципативна платформа која им помага на поединците и на заедниците да дадат изјава во општеството, преку групна акција, со прикажување црно-бели портрети од големи размери на јавни површини, видливи за јавноста.

IMG_20210920_124832

Во текот на изминатата деценија, повеќе од  400 илјади луѓе се опфатени низ 138 земји во светот, кои со свои акции учестувале во Inside Out проектот.

Марија Коробар и Весела Моловска како иницијатори и лидери на оваа групна акција, а во соработка со Максим Ристевски, ја создаваат оваа идеја како апел за неопходноста од позастапена уметничко-културна програма на јавен простор.

INSIDE OUT во Скопје

„Нека светлината од уметниците се одрази врз целата заедница

Сè почесто среќаваме социјално-општествени мислења кои изразуваат впечаток на дистанцирање од уметноста, која чекор по чекор станува сè подалечна од секојдневието и наместо да инспирира се расчленува од перспективата на граѓаните.

Иако не би го употребиле терминот „замижува“, би прифатиле дека се работи за недоволна перцепција на стварноста од страна на институциите и уметничката фела. А, тоа сепак се должи на свесноста на уметникот за неговата немоќ да делува сам.

Во моментов ситуацијата е таква што европските фондови се главен извор на финансирање и многу често се влегува во различни програми и партнерства за кои е потребно да бидат исполнети низа услови, со што се поставува прашање на целосен интегритет на уметникот. Голем дел од квалитетните уметници кај нас не можат, ниту сакаат да функционираат на овој начин, со што се изоставени од целата приказна.

IMG_20210920_124757

Која е улогата на културата во нашето општество?

Кои чекори треба да ги преземеме за да поттикнеме инспирација и да ја промениме перспективата кај граѓаните?

Уметноста има објективни можности да биде двигател за промени, може да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, да поттикне промена, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест.

Преку мотото „Нека светлината од уметниците се одрази на целата заедница“, обединуваме 130 уметници, културни работници и граѓани кои стојат зад оваа порака – адресирана до јавноста, но и до институциите, дека уметноста постои за граѓаните.

 

Испрати коментар

Scroll To Top