Дванаесет земји членки на Европската унија, ја повика Европската Комисија да формира индустриска алијанса за мали модуларни нуклеарни реактори. Нивните претставници се состанаа во Братислава, на маргините на Европскиот форум за нуклеарна енергија. Бугарија, Хрватска, Финска, Франција, Унгарија, Холандија, Полска, Чешка, Романија, Словачка, Словенија и Шведска, побарале воведување на поттикнувања за инвестирање во мали модуларни реактори (SMR). Во заедничко писмо, овие држави упатиле барање до Европската Комисија да формира индустриска алијанса за оваа технологија. Тие истакнуваат дека овој потег би ја зајакнал енергетската сувереност како и конкурентноста на домашната индустрија. Годинава, заедно со Естонија и Белгија, овие држави формирале т.н „Нуклеарен сојуз“, во кој Италија и Велика Британија се набљудувачи.
Земјите потписнички укажуваат на малите модуларни реактори како решение за декадата после 2030 година, кога ќе престане користењето на фосилните горива во производството на електрична енергија, како и за подигање на нуклеарниот капацитет во ЕУ на 150GW, пред средината на векот. Во моментот тој капацитет изнесува 100GW.